Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека терористите не се повлекле целосно од регионот покрај турската граница со Сирија. Тој нагласи дека до моментот не е почитуван крајниот рок од 120 часа договорен со САД ниту тој од 150 часови договорен со меморандум со Русија за повлекување на терористите од определениот појас покрај границата со Сирија.

– Терористите продолжуваат со напади врз Сириската национална армија (поддржани од Анкара сириски бунтовници) која соодветно им возвраќа, изјави Ердоган. Според него, само утрово таа војска имала 11 жртви.

Турскиот претседател спомена и за телефонскиот разговор од синоќа со американскиот претседател Доналд Трамп и за одлуката да замине во посета на САД овој месец. Ердоган додаде дека има намера да разговара и со рускиот претседател Владимир Путин за ситуацијата во Сирија.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2019 14:10