Германската канцеларка Ангела Меркел го отфрли мислењето на францускиот претседател Емануел Макрон дека НАТО е во состојба на „мозочна смрт“ и посочи дека такви коментари не се потребни.

На средбата со генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, Меркел истакна дека Макрон „користи драстични зборови“, дополнувајќи дека тоа не е и нејзино мислење за соработката во НАТО.

– Не мислам дека вакви оценки се неопходни, па дури и ако имаме проблеми, треба да сме сплотени, потенцираше германската канцеларка.

Од својата страна, Столтенберг потенцираше дека Алијансата е силна, укажувајќи дека САД и Европа „соработуваат повеќе отколку во изминатите декади“.

Францускиот претседател Емануел Макрон во драматично интервју за списанието „Економист“ тврди дека НАТО се наоѓа во состојба на „мозочна смрт“, а Европа на работ на амбис.

Во интервјуто Макрон ги предупредува европските земји членки дека веќе не можат да се потпираат на САД , односно дека од САД веќе не може да се очекува да застанат во одбрана на земјите членки на Алијансата.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/11/2019 00:48