Британската централна банка (БоЕ) предупреди дека владиниот договор за излегување на Велика Британија од Европската унија ќе го запре економскиот раст во следните три години поради поголемите трошоци, кои ќе бидат предизвикани од трговските бариери.

Новиот договор за излегување од Унијата, кој го договори премиерот Борис Џонсон, ја намали веројатноста од Брегзит без договор, оцени БоЕ. Со тоа е намалена неизвесност со која се соочуваат фирмите и домаќинствата, се вели во извештајот што го пренесува Би Би Си.

БоЕ предупредува дека сепак преминувањето на нов трговски договор ќе вклучува нови царински проверки и регулаторни пречки. Тие потенцираат дека доколку новиот трговски договор со ЕУ биде обликуван по канадскиот модел „длабок договор за слободна трговија“, тоа ќе резултира со повисоки административни трошоци за фирмите кои соработуваат со континенталниот дел на Европа.

Поради новите претпоставки за Брегзит и послаб глобален раст, британската економија во следните три години ќе расте по еден отсто полошо, се вели во извештајот.

Британската централна банка уште предупредува дека Брегзит ќе биде доминантен фактор во проекциите за економијата и во следните години, и би можел трајно да го намали долгорочниот раст.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/11/2019 00:58