Украинските власти и проруските бунтовници почнаа со повлекување на своите сили во важниот сектор на линијата на фронотот во источниот дел на Украина, соопшти украинската војска.

– Почна повлекувањето на војниците и оружјето, изјави високиот воен претставник Богдан Бондар.

Политичките претставници во самопрогласената Доњецка народна република го поздравија почетокот на повлекувањето на оружјето и војниците.

Операцијата е детално договорена и почна околу пладне по локално време, со истрелување на сигнални ракети од двете страни, бели како знак дека двете страни се подготвени, а потоа зелени за почеток на повлекувањето.

Под надзор на набљудувачи на ОБСЕ, војниците од двете страни отстапија и се повлекоа за по еден километар.

Оваа недела шефот на украинската дипломатија Вадим Пристајко изјави дека повлекувањето во подрачјето на селото Богданивка е „последен предуслов за организирање на четиристраниот самит“ на лидерите на Русија, Украина, Германија и Франција. Тој изрази надеж дека средбата меѓу Владимир Путин, Володимир Зеленски, Ангела Меркел и Емануел Макрон би можела да се одржи уште овој месец во Париз, што ќе биде прв состанок на тоа ниво во решавање на украинската криза од 2016 година.

Москва досега го условуваше продолжувањето на преговорите со повлекување на војската од три сектори на фронтот.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/11/2019 14:48