Тројца продемократски пратеници во Хонгконг се уапсени, а други четворица биле повикани денеска во полиција за да бидат приведени.

Полицијата соопшти дека тројца од пратениците биле уапсени и денеска им се покренати обвиненија за спречување на работата на локалниот парламент за време на бурната седница на 11 мај, посветена на веќе повлечениот предлог-закон за екстрадиција во Кина, кој предизвика петмесечни протести со барање за демократски реформи во Хонгконг. Останатите четворица добиле налог да се јават денеска во полициски станици, каде ќе бидат приведени.

Демократските пратеници ги осудија острите мерки на Владата како промислен потег, со кој ќе се предизвика ново насилство, што ќе биде причина за одложување или откажување на окружните избори закажани за 24 ноември.

Гневот на јавноста се продлабочи вчера, кога 22-годишен студент падна од катна гаража и загина откако полицијата употреби солзавец за време на судири со демонстрантите.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/11/2019 15:15