Во Најроби од 12 до 14 ноември ќе се одржи самит на Фондот за население на ОН (УНФПА) каде фокус ќе биде ставен на реафирамација на заложби од агендата на Меѓународната конференција за население и развој (ИЦПД) и да се забрза спроведувањето на нивната Акциска програма. На форумот ќе се одбележи 25-годишнината од Меѓународната конференција за население и развој одржана во 1994 година во Каиро.

Пристапот заснован на човековите права беше споменат во врска со популациската политика првпат на Конференцијата во 1994 година. Покрај тоа, Конференцијата привлече внимание за сексуалното и репродуктивното здравје и права.

Оваа година Популацискиот фонд на ОН – УНФПА одбележува 50-годишнина од своето постоење и 25-годишнина од клучната конференција во Каиро на која беше нагласено дека популациската политика во својот фокус мора да го има населението со неговите права и потреби.

Во Каиро, во 1994 година, 179 влади ја усвоија историската Акциска програма која ги става луѓето во центарот на светските развојни процеси и ја зајакнува родовата еднаквост.

Самитот во Најроби се очекува да ги мобилизира политичката волја и финансиските заложби итно потребни за исполнување на програмата на ИЦПД, ќе ги сублимира заложбите за превенирање на мајчината смртност, елиминирање на незадоволената потреба за семејно планирање, родово базирано насилство, детски бракови, јакнење на човечкиот капитал во државите каде што се менува структурата на населението, како и други теми.

Тие заложби, без разлика дали се политички или финансиски, ќе бидат усогласени на глобално, регионално, национално и локално ниво од страна на владите, бизнис-секторот, фондациите и други организации.

Се очекува на Самитот да присуствуваат околу 5.000 делегати од светот.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/11/2019 01:08