Човекот кој го води Удинезе на последните два лигашки натпревари, Лука Готи, по натпреварот со СПАЛ, изјави дека клубот ќе донесе тренер, а тој ќе се врати на функцијата која ја вршеше претходно.
Готи има доверба во Илија Несторовски, го стави Македонецот во стартниот тим, но прилепчанецот постигна гол кој беше поништен, па средбата заврши 2:2. Иако освои четири бода во две кола, Готи не планира долго да го води тимот.
– Требаше да победиме, особено според шансите во првото полувреме. Игравме организирано, но не дадовме гол. Јас не сум тренер на Удинезе. Јас до вчера бев технички соработник, и кога клубот ќе ангажира тренер, јас ќе се вратам на старото работно место, изјави Готи.