Резултатите од речиси 99 отсто преброени гласови покажуваат дека социјалистите победија на вонредните парламентарни избори во Шпанија, соопшти синоќа шпанското Министерство за внатрешни работи.

Врз основа на досега преброените гласови, социјалистите на премиерот Педро Санчес освоиле околу 122 места во Долниот дом на Парламентот, додека конзервативната опозициска Народна партија 87 пратенички мандати.

Десничарската партија Вокс го зазеде третото место со освоени 52 места, што е за 23 повеќе отколку на изборите одржани на 28 април. Десничарската Граѓани добија 10 мандати, што е за 47 помалку во споредба со претходните избори, додека партијата на левицата Подемос освои 35 места во Парламентот. На Републиканската левица на Каталонија и припаднаа 13 пратенички мандати.

Излезноста на изборите била 69,94 отсто.

Резултатите јасно покажуваат дека ниту една партија нема доволно пратеници за формирање владејачко мнозинство, што значи дека ќе дојде до преговарачки процес меѓу партиите за формирање влада.

По победата на изборите лидерот на Социјалистичката работничка партија и актуелен премиер Педро Санчес изјави дека уште од денеска ќе почне да се сретнува со лидерите на останатите партии, со цел да формира „стабилна и напредна“ влада.

За формирање владејачка коалиција потребни се 176 од вкупно 350 пратеници во Парламентот.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/11/2019 14:20