Герила акција спроведоа урбани уметници во општината Кисела Вода во реонот на Расадник откако локалната самоуправа согласно новиот ДУП предвидува изградба на нови 100 згради. Акцијата беше објавена на фејсбук страната Skopje Smog Alarm.
Во продолжение интегрален текст од фб статусот:
- ДРВЈАТА ВО РАСАДНИК РОДИЈА ЗГРАДИ‼️
Македонија е земја на чудата, чуда се случуваат секој ден насекаде околу нас, а нам ни останува само да се чудиме. Најчудно од сè е како во еден од најзагадените градови на светот и во еден негов дел, кој што веќе е густо населен и има огромна фабрика загадувач, општинарите сакаат да направат ни помалку ни повеќе туку 100 нови згради во простор кој што претставува оаза на природата во центарот на градот.
Просторот наречен Расадник некогаш бил периферија на градот, а градот се развивал и растел околу него. Токму затоа тој останал остров на биодиверзитетот, во самиот град на просторот Расадникот денеска сè уште живеат голем број диви зајаци, еребици, лисици, фазани, желки, ежови, клукајдрвци и десетици други врсти птици, мали цицачи, влекачи и инсекти.
Денеска дрвата во Расадник еволуираа и родија згради, утре можеби и зајаците ќе протестираат. Сè е можно во оваа чудесна Македонија која еволуира секојдневно.
Прашање на еволуцијата е и кога општинарите и градежната мафијо-индустрија ќе еволуираат и ќе сфатат дека градот не го прават само зградите, туку градот е сложен систем на објекти, простори и вредности во кој место треба да има и за дрвата и за луѓето и за зајаците и за пољанките.
А кој знае можеби еволуцијата на општинарите е завршен процес и ова никогаш нема да го сфатат...
Автори: Екипа урбани уметнички акции, стои во објавата на фејсбук страната Skopje Smog Alarm