Хуманитарната организацијата за помош на загрозените „Ворлд релиф“, истакна дека октомври е првиот месец во изминатите три децении кога американските власти не примиле ниту еден бегалец во земјата.

САД се сметаа за дестинација број еден во светот за прием на бегалци од земји зафатени со војни, природни катастрофи или криминал. По доаѓањето на Доналд Трамп на власт, земјата од прво се спушти на многу пониско место во прием на бегалци.

Лицата со бегалски статус најпрвин аплицираат азил а потоа, ако ги исполнат условите, добиваат дозвола за престој со што стануваат постојани жители на земјата што ги прифатила.

Најверојатна причина што ниту еден бегалец не добил дозвола за престој во САД во октомври е опширната бирократска процедура, јави „Лос Анџелес тајмс“.

Стотици бегалци на кои им е дозволено да пристигнат во САД чекаа со месеци, откако Трамп го одложи потпишувањето на указ за лимит на бројот на лица со бегалски статус до 18 илјади лица.

Претседателот, конечно, го потпиша указот в петокот, и со тоа лицата со бегалски статус од денеска веќе можат да отпатуваат за САД со надеж да добијат азил.

За споредба, администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама во 2016 година постави лимит за овозможување бегалски статус за 110 илјади лица годишно. Лани таа бројка се намали до 45 илјади а годинава, до 40 илјади.

Некои од предизборните ветувања на Трамп во 2016 година беа строги имиграциски закони и ветување да изгради ѕид на јужната граница кон Мексико.

Се оценува дека моментално во светот има околу 71 милион раселени лица, од кои 26 милиони се бегалци кои од своите земји се прогонети поради војни, религиска или расна нетрпелливост.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/11/2019 09:22