На улиците на престолнината на Боливија, Ла Паз, избија судири откако опозициската лидерка Жанин Анес се прогласи за привремен претседател на земјата, по оставката на Ево Моралес.

Анес се прогласи за преоден претседател иако немаше кворум во текот на гласањето за нејзиниот избор во боливискиот Конгрес, бидејќи сенаторите од левичарската партија на Ево Моралес го бојкотираа гласањето, пренесоа британските медиуми.

Таа доцна синоќа ја презеде привремената контрола врз Сенатот, а претставниците на партијата Движење за социјализам на Ево Моралес не беа присутни во салата кога таа тоа го објави.

Лутите приврзаници на Моралес се обидуваа да дојдат до зградата на Конгресот викајќи дека таа мора да поднесе оставка, пренесуваат американските медиуми.

Моралес, кој сакаше да трансформира Боливија, како прв автохтон домородечки претседател, вчера одлета за Мексико каде побара и веднаш му беше одобрен азил, додека илјадници негови приврзаници на улиците на боливиската престолнина бараа негово враќање во земјата.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/11/2019 19:00