Политичките партии во Чиле рано утринава се договорија и го отворија патот за донесување на нов Устав, соопштија преговарачите во Сантијаго де Чиле, по неколкунеделните протести, јави ДПА.

Речиси едномесечниот бран протести беше и премногу насилен, а во него загинаа повеќе од 20 лица, додека стотици се повредени.

Вчерашните маршеви низ улиците на главниот град Сантијаго во голем дел беа мирни, за разлика од градот Валпараизо, каде демонстрантите вооружени со стапчиња и камења се судрија со полицијата, среде облаци солзавец, објави радиото 24 Хорас.

Во обид да ја деескалира ситуацијата во земјата, претседателот Себастијан Пинера претходно го откажа зголемувањето на цената на билетите за метро, што првично беше причина за протестите, и најави мерки како што се зголемување на минималната плата и пензиите и повисоки даноци за богатите.

Но, мерките не ги смирија демонстрантите и Пинера конечно ги прифати нивните барања за уставни реформи, дополни ДПА.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2019 10:52