Планинското трчање е спорт што е во огромен подем насекаде низ светот. Трките во планинско трчање се комбинација на трчање на долги дистанции, класичен атлетски маратон и планинарење. Тие се одвиваат во природна средина и поради тоа се наречени планинско трчање. Се трчаат од 15, па сè до 300 километри. Во принцип, маршрутите се со должина од дваесетина километри, четириесетина, осумдесет, сто, 120, 170 и понатаму двесте, триста километри што се одржуваат во неколку дена.
Трките имаат за цел да привлечат што поголем број луѓе на еден поинаков спортско-рекреативен настан и да ги натераат да го практикуваат планинското трчање, односно трчањето во природа, да бидат активни и да одвојат повеќе време од своето секојдневие за да се подготват за тие трки.
Здружението „Трекс“, кое од 2011 година кај нас учествува во организација на трки во планинско трчање, започна со трката „Крали Марко треилс“ во Прилеп, за подоцна во 2014 година формално да го оформи Здружението, кое брои околу четириесет членови.
Членовите активно работат во текот на целата година на повеќе проекти, односно трки што ги организираат на различни локации во земјава.
Игор Јовановски од „Трекс“ за МИА вели дека од 2011 досега имаат организирано повеќе трки и околу четири што активно ги организираат во текот на една година. Тоа се „Водно – Матка“ во Скопје, „Охрид треил“ во Охрид, „Крали Марко треил“ во Прилеп и „Струмина треил“ во Штип. Имаат и помали трки, како што е Церипашина, што ја одржуваат во зимски услови на Попова Шапка.
Шестото издание на „Струмина треил“ ќе се одржи денеска во Штип. Тоа е пократка планинска трка во околината на Штип, а како што информира Јовановски, се посетуваат повеќе чешми што се од витално значење за градот, а кои порано биле од огромно значење и за градот и за народот, и е една убава можност за дружба во тој реон.
Трката, како што вели Дејан Крле од „Трекс“ за МИА, е убава за почетници, за оние што сакаат да ги запознаат членовите на „Трекс“, организацијата, но и да се запознаат со самиот спорт, бидејќи е 18 километри, нема многу искачување, поминува низ прекрасен предел и секој може за три – четири часа да ја помине.
Крле вели дека трките се одржуваат во локалните средини каде што најголема придобивка има локалната заедница, така што во секој регион каде што имаат настани тие се поддржани од локалната самоуправа, а и од неколку државни институции што го поттикнуваат и го поддржуваат туризмот.
– Ние конкурираме и за разни грантови и конкурси од странски фондации што имаат програми каде што младите се вклучени во спорот, односно алтернативниот туризам, а активниот туризам е нишка што допрва ја развиваме кај нас, вели Крле.
Јовановски нагласува дека секоја трка е приказна за себе и не е едноставно да се организира каков било спортски настан, особено некој што е во планина и изложен на такви услови.
– За организација секоја трка е приказна сама за себе и навистина не е едноставна работа да се организира каков било спортски настан, а не некој што е во планина и изложен на такви услови, и згора на тоа кога ќе ти дојдат уште три-четиристотини луѓе од различни делови на светот, навистина е голем предизвик да се организира, но и големо задоволство, вели Јовановски.
Сите од Здружението, како што вели, се активни тркачи, одат и во други држави, се дружат, ја промовираат нашата земја како добра локација за планинско трчање.
За Крле, идеална трка е таа што ја организираат во Охрид. Охридскиот Регион за него е еден од најубавите во светот и поради тоа што ги познава патеките во тој предел секогаш му е предизвик да биде дел од организација што ќе им овозможи на поголем број луѓе да учествуваат и да го споделат искуството.
Според Крле, најголема придобивка од овој спорт е зголемениот придонес кон подобро здравје.
– Трчањето и спортските активности ги подобруваат кардиоваскуларните својства на организмот и секој што се занимава со трчање делува и изгледа поздраво, а додека престојот во планина влијае на менталното здравје и кога ќе се искомбинираат двете работи подобра предност од тоа не може да има, смета Крле.
Јовановски вели дека планинското трчање не се смета за екстремен спорт, но како што вели, сите тркачи може да бидат изложени на екстремни услови.
– Сето тоа е дел од трката и дел од играта, бидејќи самите патеки одат и на високи врвови, во варијабилни временски услови. Секој учесник треба да биде добро подготвен за тие предизвици, смета Јовановски.
Тој посочи дека секој учесник мора да поседува задолжителна опрема.
– Таа подразбира добра, водонепропустлива јакна, за некои трки и ракавици, капа, астро фолија, односно фолија доколку не е во можност да се движи да може да се замота и да ја одржи температурата, мобилен телефон што е секогаш задолжителна алатка за да има постојана комуникација меѓу организаторите и тркачите. Овие работи на секоја трка во светски рамки се на некој начин унифицирани, вели Јовановски.
Крле, пак, вели дека главниот предизвик е да се себенадминеш. Трките, како што вели, траат од неколку часа до неколку дена. За да можеш да го издржиш тоа, треба да се подготвуваш неколку месеци, но и години.
– Како и во секој спорт има периодизација и систематизација на тренингот каде што се симулира тоа што треба да се случи за време на трката, дали било од типот на теренот, па до оптоварувањата на организмот што треба да ги поднесеш за време на трките. Така што секој што учествува на една планинска трка треба практично да го познава теренот и да се познава себеси, што на кои делови од трката и под какви околности и услови да очекува и колку перформанси може да постигне, како да ја изменаџира ноќта, бидејќи трки над сто километри веќе навлегуваат во ноќта. Како да го изменаџира стравот од минимален и максимален од самотијата во планински терен, истоштеноста поради долгите километри и ред други работи, вели Крле за начинот на кој се подготвуваат за трките.
Следната сезона, исто како и оваа, ќе бидат повторени трките што се во нивната програма.
– Тоа се Водно – Матка, каде што ќе ги задржиме горе-долу дистанциите од полумаратон и маратон планински, ќе најавиме за брзо време мала измена во малата трка. Таа трка се одвива на Водно и Матка и ги посетува некои од најинтересните делови од планината и кањонот. Потоа во мај ни е закажана „Охрид треил“, каде што ќе најавиме три трки, за разлика од минатата, кога имавме две. Овој пат на негде околу 20 – 30 километри, 60 километри и сто. Потоа ќе следува десеттото јубилејно издание на „Крали Марко треилс“. Тоа е на крајот од септември. Таму ќе си остане горе-долу истата трка и, секако, идната година тоа ќе биде седмото издание на „Струмина треил“ во Штип, рече Јовановски.
Имено, како што нè информираа од „Трекс“, трета година по ред, на крајот од март, планината Водно и кањонот Матка ќе бидат домаќини на трката во планинско трчање „Водно – Матка треилс”.
Спортскиот настан се состои од две трки во планинско трчање чии маршрути минуваат низ најубавите и најинтересни предели на планината Водно и кањонот Матка. Досега на претходните две изданија повеќе од 700 натпреварувачи од над 20 држави зедоа учество и искусија една незаборавна авантура под отворено небо.
На третото издание на „Водно – Матка треилс“ ќе може да се одбере меѓу планинска трка на 28 километри и планински маратон на 42 километри со соодветно искачување од 1.800 и 3.100 висински метри. Стартот е закажан на 28 март 2020 година, сабота, во 7 часот од месноста Полиција во населбата Водно, а целта – како и досега – е во планинарскиот дом „Даре Џамбаз” на врвот на Водно.
Една од целите на настанот е да го развива планинското трчање во нашиот регион преку ширењето на етичките вредности и придобивките од овој спорт и да го претвори во секојдневна активност на што повеќе домашни спортисти. Истовремено, организаторот цели да привлече учесници од странство што ќе уживаат во природните убавини на планината Водно и кањонот Матка со акцент на културно-историското богатство.
Промотивниот период за пријавување на една од трките на „Водно – Матка треилс“ трае до 31 декември 2019 година на официјалната веб-страница на настанот – www.vodnomatka.mk.