Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски во пресрет на утрешниот дуел со Израел, посакува добар резултат и по можност да се освои третото месо, што ќе претставува најдобар резултат на „црвено-жолтите“ во еден квалификациски циклус.

Ангеловски вели дека атмосферата во националниот тим е добра и сите играчи се мотивирани.

– Кога игра репрезентацијата сакаме поддршка, на последните натпревари имавме полни трибини, а фудбалерите вратија на најдобар начин. Подготвени сме и мотивирани повторно да ги израдуваме повторно нашите навивачи. За нас не постои притисок за да го освоиме третото место, туку ние на таа шанса гледаме како мотив. Овие фудбалери за сето тоа што го покажаа во овие квалификации заслужија да завршат како трети. Ние одиме на победа, а колку ќе биде доволно ќе видиме, изјави Ангеловски на денешната прес-конференција.

Капитенот Горан Пандев кој го пропушти саботниот натпревар со Австрија, рече дека е подготвен да им помогне на соиграчите за да се дојде до посакуваната победа.

– Сакаме со победа да ги завршиме квалификациите и да се пласираме таму каде што никогаш досега не сме биле. Сакаме да бидеме трети. Игравме во овие квалификации во една неатрактивна, но тешка група и само против Австрија потфрливме, додека на останатите мечеви одигравме добро. Можеби можевме да освоиме и повеќе бодови, но решаваа нијанси. Не успеавме да стигнеме до тоа второ место за директен пласман на ЕУРО 2020, па сега третото место би било добар резултат за нас во овие квалификации. Подготвен сум за дуелот со Израел, а дали ќе настапам зависи од селекторот, изјави Пандев.

Натпреварот се игра утревечер со почеток во 20:45 часот на Национална арена „Тодор Проески“ во Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/11/2019 17:00