Членовите на јеменската, меѓународно призната, Влада се вратија во со војна разурнатата земја, првпат откако сепаратистите ги избркаа од главниот град во текот на судирите од ланското лето
Премиерот Маен Абдулмалик Саед денеска слета во Аден, на југот од земјата, исполнувајќи ја клучната точка од договорот за поделба на моќта, што беше склучен по посредничка улога на Саудиска Арабија, а со кој беа завршени повеќемесечните судири со сепаратистите од југот на земјата.
-Владините приоритети во следната фаза се да се нормализира ситуацијата во Аден, а потоа да се консолидираат и државните институции на теренот….како гарант на стабилноста, изјави Саед за американските медиуми.
Враќањето на владата тој го опиша како „ темел за подобрување на цивилните услуги“, но додаде дека „безбедносните предизвици не можат да бидат занемарени, особено не во оваа фаза“.
Саед беше пречекан од локални функционери и саудиските сили во воздухопловната база во Аден, а беше во придружба на петмина клучни министри од владата на претседателот Абед Раба Мансур Хади.
Сепаратистите, со поддршка на Обдинетите Арапски Емирати, во август го зазедоа Аден и ги протераа силите лојални на претседателот Хади, кој од 2015 година се наоѓа во Саудиска Арабија.
Договорот за поделба на моќта, што беше потпишан претходно овој месец, во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, ги повикува двете страни во конфликтот да ги повлечат своите сили од Аден. Градот ќе биде под контрола на коалицијата и претседателовата гарда, доколку претседателот Хади се врати во земјата.
-Планот за вклучување на силите за безбедност мора да биде јасен и транспарентен, рече Саед за американските медиуми.
„Ја имаме поддршката од Саудијците и лидерите на коалицијата, факторот што ќе ни помогне договорот да се спроведе преку ветувачки чекори на теренот“, додаде тој.