Илјадници демонстранти кои протестираат против либанската политичка елита блокираа денеска улици во Бејрут спречувајќи ги пратениците да стигнат до Парламентот, поради што беше одложена седница.

Седницата беше закажана иако Либан се уште нема влада по оставката на премиерот Саад Харири поради протести од средината на октомври.

Демонстрантите ја доведоа во прашање уставноста на седницата во таква ситуација.

Седницата беше откажана и минатата недела по протести.

Демонстрантите се судрија денеска со полицијата откако затворија улици што водат кон зградата на парламентот во Бејрут.

Еден пратеник кој се упати кон зградата мораше да се оддалечи, по што неговите телохранители пукаа во воздух. Никој не е повреден во пукањето.

Претседателот на Либан, Мишел Аун не одреди датум за консултации за да се избере нов премиер и постојат длабоки разлики меѓу политичките сили за составот на идната влада.

Харири поднесе оставка на 29 октомври како одговор на протестите што избувнаа околу предлозите за наметнување нови даноци, но подоцна прераснаа во повици за отстранување на владата и целата политичка елита што управува со Либан од крајот на граѓанската војна 1975-1990.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2019 14:30