Македонската репрезентација до 19 години го совлада Луксембург со 3:0, додека Босна и Херцеговина загуби со 4:1 од Англија и поради подобра гол разлика „црвено-жолтите“ обезбедија пласман во Елитната фаза квалификации за Европско фудбалско првенство.
Во последното коло од квалификацискиот турнир кој се играше во Скопје, тимот предводен од селекторот Горан Станиќ денеска го победи Луксембург со 3:0.
Македонските надежи постигнаа два гола во последните минути од првото полувреме. Давид Тошевски во 44. минута го отвори резултатот, а во надополнувањето на првиот дел предноста ја удвои Арби Воша. Стрелец на третиот гол беше Мурати.
На стадионот во Ѓорче Петров, Босна и Херцеговина загуби со разлика што и одговараше на македонската селекција, бидејќи во првото коло двете селекции ремизираа.
Англичаните со максимални девет бода се први, Македонците се втори со четири бода, исто толку имаат и Босанците, додека последен е Луксембург без бодови.