Дипломатот Гордон Сондленд, амбасадор на САД во ЕУ, денес е на јавен распит во Конгресот во рамки на процедурата за импичмент и неговото сведочење може да биде увертира демократите да го отповикаат 45-от американски претседател.

За демократите Сондленд е еден од најважните сведоци како учесник во телефонски разговор од 26 јули годинава со Доналд Трамп, кога, како што се дозна, претседателот повторно го истакнал својот интерес за истрага во Украина против негов политички ривал.

Амбасадорот е бизнисмен во хотелската индустрија и донатор кој има финансирано еден милион долари во кампањата на Трамп. Денеска се соочува со тежок повеќечасовен вкрстен распит, поради тоа што во претходен исказ тој не го споменал разговорот со претседателот, и сега треба или да го преиначи или да негира, оспорувајќи искази на други сведоци, а со тоа да биде обвинат за лажно сведочење, што во САД се смета за тешко кривично дело.

Во исказот даден во октомври тој изјави дека не увидел паралели помеѓу барањето на Трамп за спроведување истрага и одлуката на Белата куќа да одложи трансфер на воена помош за Украина во висина од околу 400 милиони долари.

Подоцна, во дополнително сведочење укажа дека се сетил на средба со претседателот на Украина во која му пренел на Зеленски порака дека нема да добие американска помош доколку не излезе и јавно не објави дека започнува истрага за Хантер Бајден, син на Џо Бајден, поранешен потпретседател и политички ривал на Трамп.

Курт Волкер, специјален претставник на САД за Украина и учесник во неформалната кампања за притисок Киев да почне политички истраги подобни за Трамп, изјави дека „амбасадорот Сондленд има голем карактер, и понекогаш говори работи кои се поголеми од реалноста“.

Волкер, Сондленд и актуелниот министер за енергетика, Рик Пери, се познати и како „трите амигоси“. Тројцата го спроведувале неофицијалниот надворешно-политички канал со Украина.

Сведочењето на Сондленд може да укаже на тоа каква била нивната врска, ако воошто ја имало, и со официјалните дипломатски канали на САД. Претходно се дозна и дека државниот секретар Мајк Помпео бил во дослух со оваа надворешна политика во сенка.

Помпео, како и Пери, засега одбиваат да сведочат.

Денешното сослушување може да биде клучно во донесување одлука Претставничкиот дом, предводен од демократите, да гласа потврдно за отповикување на претседателот Трамп.

Меѓутоа, напорите на демократите можат да бидат минирани во Горниот дом на Конгресот, каде процедурата се префрла со спроведување на суд за отповиканиот претседател.

За да се отстрани од власт актуелен претседател, Сенатот, предводен од републиканците, треба да гласа со двотретинско мнозинство. Но, како што потврди лидерот на сенатските републиканци, Мич Меконел, изгледите за тоа се минимални.

-Незаимисливо е дека за ќе гласаат 64 сенатори, изјави синоќа тој.

На последните избори за Конгресот лани, републиканците во Сенатот освоија 53 мандати додека демократите – 45.

Трамп негира дека постапил незаконски и критикуваше некои од досегашните сведоци.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2019 19:35