Израелскиот политичар Авигдор Либерман, клучната фигура за формирање нова влада во земјата, одби да подржи било кого од двајцата кандидати за нов премиер и ги обвини Бени Ганц и Бенјамин Нетанјаху, дека земјата ја туркаат кон трети избори за помалку од една година.

Либерман се огласи во пресрет на истекувањето на рокот што Бени Ганц го доби за формирање владина коалиција, бидејќи се чини дека тој не ќе биде во можност да го обезбеди потребното мнозинство во Кнесетот, пренесоа американските медиуми.

Последните избори во Израел беа одржани во септември, кои беа предизвикани токму од одбивањето на Либерман, лидерот на малата, ултранационалистичка партија, да влезе во сојузништво со тврдокорните и верските партии, на чие чело беше Нетанјаху, по изборите во април годинава.

Либерман ги повика Ганц и Нетанјаху да му се приклучат во формирање на влада на националното единство, што тој го гледа како начин за прекин на застојот.

По повеќенеделните преговори Либерман пред новинарите изјави дека не може да поддржи ниту една партија.

-Дадов се од себе. Го превртев секој камен. Немаше значителни пропусти, туку главно тоа беа лични пропусти и по се, барем сега, се чини дека тргнуваме кон уште едни избори, рече Либерман.

Тој додаде дека се противи на сојузништвото на Нетанјаху со „месијанските“ верски партии, додека Ганц го обвини дека се свртува кон верските партии и не преговара „со добра вера“.

-Кого да обвините за оваа ситуација? Двете паритии, рече Либерман додавајќи дека е спроведена „импресивна игра на наметнување вина“, која , какао што наведе, била само тоа, „игра на наметнување вина, без вистинска волја да се донесат тешки одлуки“.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2019 20:11