Со огромен медиумски интерес и голем број незаборавни реченици помина првата официјална прес-конференција на Жозе Мурињо како менаџер на Тотенхем.

Специјалниот вчера беше назначен на челона тимот, заменувајќи го отпуштениот Маурисио Почетино, а во сабота ќе го има своето прво дерби како гостин на Вест Хем.

Португалецот се врати на тренерската работа 11 месеци по неговото разрешување од Манчестер Јунајтед и рече дека му недостасувала работата последната година.

– Пред да започнам да зборувам, сакам да кажам нешто за Маурисио. Тој направи прекрасна работа и заслужува само честитки. Овој клуб секогаш ќе биде негов дом, а овој терен за тренинзи ќе биде негов терен за тренинзи. Вратата во Тотенхем секогаш ќе биде отворена за него.Сепак, сигурен сум дека тој повторно ќе си ја најде среќата. Тој повторно ќе води одличен тим и го очекува голема иднина, беа првите зборови на Мурињо.

Од емотивна гледна точка, Мурињо вели дека е мирен, мотивиран и спремен.

– Мислам дека играчите се чувствуваат така. Јас сум тука за да ги поддржам. Во животот, се случува така што работите нема да се вртат околу некоја личност, туку околу играчите и клубот. Нема да ги повторувам грешките што ги направив во минатото. Веројатно ќе направам нови. Мислам дека не сум поподготвен сега од порано. Отсекогаш сум бил подготвен, рече Мурињо.

Специјалниот вели дека има свои ставови за играта на тимот, но важно е да се одржи стабилноста.

– Стилот на игра ќе биде многу сличен на оној што досега го практикуваше тимот. Секако, ќе додадам детали, а деталите се оние кои понекогаш ја прават разликата. Стилот на работа зависи главно од културата на клубот и играчите што ги има, објасни Мурињо.

Тој додаде дека Тотенхем не може да се бори за титулата оваа сезона со оглед на огромното заостанување зад лидерот Ливерпул, но тоа би можело да се промени во следната.

– Не постои начин да ја освоиме Премиер лигата оваа сезона. Во следната не велам дека тоа ќе се случи, но ќе можеме да се обидеме. Тотенхем е клуб со голем потенцијал. Визијата, која ми ја покажа господинот Леви и играчите, кои се во составот, беше причината што избрав да дојдам овде, рече Мурињо и додаде дека е подготвен да даде се од себе.

Отсекогаш сум бил скромен, продолжува Португалецот, толку многу што може трезвено да ја анализира својата кариера.

– Не само за последната година, туку за сите проблеми и сите решенија што сум ги среќавал. Главниот заклучок до кој дојдов не беше да ги обвинувам другите. Оваа година мојот одмор беше добар и научив многу од мојата работа како ТВ аналитичар, но едно не е променето, не сакам да губам и кога губам не сум задоволен, затоа е многу важно да ја одржувам контролата врз моите емоции и самодовербата во моите можности, додаде Мурињо.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/11/2019 01:30