Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека демократите во американскиот Претставнички дом не поседуваат ништо инкриминирачко против него.

Трамп денеска изјави дека не очекува да биде отповикан од функцијата, тврдејќи дека демократите „немаат апсолутно ништо“ инкриминирачко против него, и покрај повеќедневните јавни сведочења на поранешни и актуелни функционери, кои тврдат дека тој ја повлекол помошта за Украина за да изврши притисок врз властите во оваа земја да ги истражат неговите политички противници.

-Мислам дека е многу тешко да се отвори процес на отповикување кога немате апсолутно никакви докази, изјави Трамп во емисијата „Fox & Friends“.

Американскиот претседател кажа и дека доколку Претставничкиот дом го изгласа неговото отповикување, тој ќе го поздрави гласањето во Сенатот.

Сведоците, меѓу кои се и функционери на Стејт департментот, сегашниот и поранешниот американски амбасадор и поранешниот аналитичар на руската политика во Белата куќа, понудија докази во текот на јавното сослушување во Претставничкиот дом.

Со своите сведочења тие укажаа на тоа дека Трамп експлицитно им наредил на владините функционери да сорабортуваат со неговиот личен адвокат Руди Џулијани за прашањата поврзани со Украина, земјата која е премногу зависна од американска помош во одвраќањето на руската агресија.

Трамп, меѓутоа, тврди дека помошта ја повлекол само со цел да ја искорени корупцијата во Украина, пренесоа американските медиуми.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2019 11:06