Папата Франциск денеска од Тајланд допатува во Јапонија, при што е предвидено да ги посети и Хирошима и Нагасаки во рамките на кампањата против нуклеарното оружје.

Папата Франциско познат како антинуклеарен промотор ќе прочита порака против нуклеарното оружје во Нагасаки, а ќе се сретне и со преживеаните во нуклеарниот инцидент од 2011 година во Фукушима, најтешката нуклеарна катастрофа по таа во Чернобил во 1986 година.

Тоа е прва посета на еден папа на Јапонија по 38 години.

Втора цел на посетата на папата Франциск е охрабрување на католичката заедница во Јапонија, каде само еден процент од 126-милионското население се христијани, од кои половината католици.

Предвидено е папата Франциск да одржи две миси, една во Нагасаки и една во Токио, а ќе се сретне и со јапонските владини претставници, како и со царот Нарухито.

Од 1873 година христијаните во будистичка Јапонија добија слобода на исповедување на својата вера.

Двајца јапонски премиер беа католици – Такаши Хара (1918 – 1921) и актуелниот министер за финансии Таро Асо, кој беше премиер од 2008 до 2009 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2019 14:03