Адвокатот на уапсениот американско-украински бизнисмен Лев Парнас, кој е во кругот на луѓето блиски до Руди Џулијани, тврди дека Девин Њунес, истакнат конгресмен и член на Комитетот за разузнавање во Претставничкиот дом, се сретнал со Украинци во потрага по компромитирачки материјали за поранешниот потпретседател Џо Бајден.
Џозеф Бонди, адвокат на Парнас, тврди дека неговиот клиент е подготвен да сведочи во Конгресот во рамки на процедурата за импичмент на претседателот Трамп, ако тоа од него се побара.
-Поранешниот украински главен обвинител Виктор Шокин му го кажал тоа на Парнас, дека Њунес се сретнал со него лани во декември во Виена, изјави адвокатот за Си-Ен-Ен.
Тема на средбата била компромитирачи материјали за Хантер Бајден, син на Џо Бајден, политичкиот ривал на Трамп.
Шокин ја напушти функцијата во 2016 година по притисок од Западот поради критики дека малку сторил во борба со корупцијата во Украина.
Њунес е истакнат републиканец, главен член од таа партија во Одборот за разузнавање кој застана во цврста одбрана на Трамп, и сослушувањата за импичмент често пати ги нарекуваше „циркус“.
Информацијата дека Њунес се среќевал со Шокин, најверојатно ќе биде од голем интерес кај демократите, и ќе го стави овој републиканец во незавидна ситуација, во натамошната фаза од процедурата.
Распитите најверојатно ќе продолжат оваа недела и како можен сведок се врти името на Џон Болтон, поранешен советник за национална безбедност на Трамп, кој ја критикуваше политиката на Трамп кон Украина и условите поставени до Зеленски за истрага на политички ривал.
И Џулијани, личен адвокат на Трамп, претходно потврди дека тесно соработувал со Парнас и имал контакти со Шокин, и дека тоа било дел од работните задолженија кон неговиот клиент.
Доколку е точно тврдењето на Парнас дека Њунес се сретнал со Шокин и барал компромитирачки материјал за Бајден, тоа ќе ја ослаби одбраната што републканците ја градат да се запре импичментот за Трамп и ќе имплицира истакнат републиканец во целата афера.
Парнас, заедно со уште еден украински бизнисмен, Игор Фруман, во октомври беа задржани од американските власти во аеродромот „Далас“ во Вашингтон, поради основано сомневање за вршење нелегални тренсфери на пари во американските избори. Пред суд во Менхетен тие подоцна искажаа дека не се чувствуваат виновни.
Двајцата се клучни фигури во истрагата на демократите во Конгресот за импичмент на претседателот Трамп.