Лидерот на израелскиот сојуз на партии од политичкиот центар „Сино и бело“, Бени Ганц, синоќа на конзервативната партијата Ликуд, на актуелнот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху, и предложи формирање Влада на национално единство како обид за излез од политичката криза во земјата, која тој би ја предводел.
Ганц кажа дека тој би бил на чело на владата првите две години од мандатот и потоа премиер во следните две години би бил Нетанјаху, доколку биде ослободен од обвинувањата за корупција.
Тој оцени дека е ова „единствениот начин да се избегнат нови непотребни избори, кои никој не ги сака“.
Ова е прва конкретна понуда на Ганц за надминување на политичкиот застој во земјата откако Главниот обвинител во четвртокот соопшти дека Нетанјаху ќе биде обвинет за примање поткуп и корупција, забележуваат американските медиуми.
Нетанјаху во моментов ја предвиди преодната влада, по двата круга парламентарни избори по кои не беше формирано владеачко мнозинство.
Сите претходни обиди да се постигне договор за поделба на власта меѓу двете најголеми партиии не вродија со плод, а Нетанјаху се заколна дека ќе остане на оваа функција.
Израелските медиуми пренесуваат дека Ганц во своето синоќешно обраќање до јавноста го обвини својот политички ривал дека изрелскиот народ го држи во заложништво заради своите правни проблеми и со тоа ризикува да предизвика внатрешна војна, само за да остане на власт.
Ганц го критикуваше Нетанјаху заради тоа што ги обвини обвинителите дека со отворањето на случајот се обиделе да изведат државен удар против него.
-Ниту еден израелски лидер, десничар или левичар, никогаш не се осудил да помисли дека државата му припаѓа нему, дека без него нема да постои. Државата Израел и народот на Израел не се приватна сопственост на ниту еден лидер, рече Ганц.
Во обвинението против Нетанјаху се наведува дека тој од свој пријател милијардер добил на подарок шампањ и цигари во вредност од повеќе илјади долари, нудел услуги на медиумски издавач и го користел своето влијание да му помогне на богат телеком магнат во замена за поволно известување за него и владата на сајтот на телекомуникациската компанија.