Околу 2,6 милиони луѓе со право на глас денеска ќе се изјаснат за еден од двајцата кандидати за претседател на Уругвај. Можно е денеска, во вториот круг од претседателските избори, да биде прекинато 15-годишното владеење на левицата и да биде избран кандидатот на десниот центар.

Лидерот на Националната партија, Луис Лакаје Поу во првиот круг од претседателските избори освои помалку гласови од Даниел Мартинез, кандидат на владејачката партија Проширен фронт. Но, Поу потоа формираше коалиција со кандидатите кои не влегоа во вториот круг, па така да освои повеќе гласови од Мартинез.

Според анкетите, поранешниот сенатор Поу има поддршка од 51 отсто од граѓаните, додека за поранешниот градоначалник на Монтевидео, Мартинез се изјасниле 43 проценти од испитаниците.

Новиот претседател на Уругвај ќе го почне петгодишниот мандат во март следната година.

Уругвај е мала, богата и една од најбезбедните држави во Јужна Америка. Во периодот од 2003 до 2018 година во Уругвај економскиот раст изнесуваше 4,1 отсто. Над 60 проценти од населението припаѓа на средната класа, а стапката на сиромаштија минатата година изнесуваше осум проценти. Главни извори на приходи се туризмот и земјоделството.

Партијата Проширен фронт на власт е од 2004 година со победата на поранешниот претседател Табаре Васкез, а во 2010 година беше наследен од Хозе Мухика, кој стана познат по својата скромност. Согласно Уставот на Уругвај, Мухика не можеше да се кандидира на изборите во 2015 година, при што повторно за претседател на Уругвај беше избран Васкез.

Левичарската коалиција за време на 15-годишната власт спроведе низа либерални реформи. Ги легализираше абортусот (2012), истополовите бракови (2013) и канабисот (2013), а во 2006 година беше првата јужноамериканска држава и петта во светот која го забрани пушењето на јавни места.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/11/2019 15:43