Од стотици доверливи електронски пораки на функционери во Белата куќа, дел од материјалите побарани од Претставничкиот дом во рамките на истрагата за импичмент, се дознава дека се вршеле обиди да се оправда и објасни задршката на воена помош за Украина, јави денеска „Вашингтон пост“.

Задржаната воена помош во висина од околу 400 милиони долари и извештајот на „свиркач“ од безбедносните служби се во центарот на истрагата на демократите за импичмент на претседателот Доналд Трамп. Тој со неа го условувал врвот на Украина да спроведе истрага за политичкиот опонент Џо Бајден, поранешен потпретседател.

Електронските пораки откриваат координирани напори да се најде правна причина за задржувањето на помошта иако парите веќе биле одобрени од Конгресот. Пораките биле пратени во август и се на Мик Молвејни, вршител на должноста раководител на администрацијата на претседателот и на лица од одделот за финансии во Белата куќа.

Во меѓувреме, во Белата куќа се подготвуваат за жестока борба доколку импичментот биде изгласан и се најде пред Сенатот, каде треба да се спроведе формален суд за отповикување на претседателот.

-Администрацијата е подготвена за жестока легална и политичка одбрана која ќе премине во напад, ако демократите гласаат за импичмент на претседателот Трамп, изјави Келијан Конвеј, советничка во Белата куќа.

Додаде дека ќе се појават повеќе сведоци на одбраната и дека ќе се предизвикаат сведоците на демократите.

-Имаме доволно докази за да може да сведочи и самиот свиркач кој треба да дојде со негов адвокат, изјави таа.

Јавните распити околу истрагата за импичмент завршија минатата недела. Одборот за разузнавање при Претставничкиот дом сега работи на правните документи за отповикување кои треба да бидат одобрени од Комитетот за правда, а потоа постапката оди на гласање.

Гласањето за импичмент се предвидува да се случи пред божиќните празници во САД.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/11/2019 10:37