Американскиот министер за одбрана Марк Еспер побара оставка од секретарот за морнарицата Ричард Спенсер, повикувајќи се на водење на случајот со припадникот на елитната единица „морнарички фоки“ обвинет за воени злосторства во Ирак.

Еспер вчера побара оставка и Спенсер ја поднесе, изјави портпаролот на Пентагон, Џонатан Хофман.

Барањето се однесува на случајот со десетарот Едвард Галагер, кој беше обвинет за воени злосторства извршени за време на неговата служба во Ирак во 2017 година, пренесува „Гласот на Америка“.

Тој беше ослободен од обвинение за убиство, но беше прогласен за виновен затоа што се фотографирал покрај телото на убиениот тинејџер, борец на Исламска држава, и потоа му беше одземен чинот.

Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп го помилува и му го врати чинот и платата.

Кога Трамп минатата недела дозна дека морнарицата планира повторно да го преиспита случајот Галагер за да одлучи дали може да продолжи да ја носи значката која означува припадност во елитна единица командоси, тој повторно интервенираше.

Пентагон наведува дека Еспер побарал оставка од Спенсер кога дознал дека секретарот приватно им предложил на функционерите на Белата куќа дека доколку администрацијата престане да се меша во случајот Галагер, тој ќе се погрижи командосот да остане во елитната единица, иако Спенсер јавно и во Пентагон се залагал за дисциплинска постапка.

– За жал, поради тоа, заклучив дека секретарот Спенсер повеќе не ја ужива мојата доверба за да може да остане на функцијата, рече Еспер.

Трамп на Твитер напиша дека ќе го номинира американскиот амбасадор во Норвешка, Кент Брајтвајт, за нов секретар на морнарицата.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/11/2019 11:03