Првиот човек на администрацијата на Хонг Конг, Кари Лам, денеска изјави дека нејзината влада ги признава резултатите од локалните избори, на кои претставниците на демократскиот блок освоија апсолутно мнозинство, јавија агенциите.

Во Хонг Конг вчера се одржаа директни избори за членови на советите во 18 дистрикти од градот (општини), во кои 1.090 кандидати се бореа за 452 места. Советите ги разгледуваат прашањата на локално ниво, како што се јавниот транспорт и комуналните услуги.

Изборите се оддржаа во екот на шестмесечните антивладини протести и се сметаа за барометар за поддршката за антивладиното движење или за власта на шефицата на локаланата администрација во Хонг Конг, Кари Лам.

Излезноста на овие избори беше рекордна. Вкупно 2,94 милиона гласачи го искористија свето избирачко право, што претставува 71,2 отсто од вкупниот број регистрирани избирачи. За споредба, во 2015 година излезноста на локалните избори изнесуваше едвај 47 отсто.

Во 9 часот по локално време продемократските сили победуваа во 17 од 18 дистрикти, освојувајќи повеќе од 278 места. Пропекингшкиот политички камп досега освои само 42 места, а независните кандидати успеаја да освојат 24 места.

„Владата на специјалниот административен реон ги признава резултатите од оддржаните избори. Потенцирам дека многумина резултатите ги толкуваат како израз на незадоволството на населението од ситуацијата во општеството и други важни прашања. Владата е подготвена да го слушне мислењето на граѓаните и сериозно да ја разгледа ситуацијата“, се наведува во соопштението на Кари Лам.

Таа, воедно, изрази надеж дека мирната ситуација во градот ќе се задржи и во иднина.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/11/2019 11:21