Медиумската куќа „Блумберг њуз“ соопшти дека во иднина нема да имаат истражувања за својот основач Мајкл Блумберг.
Одлуката уследи откако Блумберг вчера официјално ја објави кандидатурата за претседателските избори во САД.
„Блумберг њуз“ исто така наведе дека нема да објавува истражувања за кој било од неговите демократски противкандидати.
Главниот уредник на „Блумберг њуз“, Џон Миклтвајт синоќа им поделил известување на вработените во медиумската куќа, на чиј платен список се околу 2.700 новинари и аналитичари.
Миклтвајт истакна дека ќе биде тешко да се покрива кампањата во која би бил вклучен шефот Мајкл Блумберг. Тој додаде дека со исклучок на истражувачката работа, „Блумберг њуз“ и ова претседателска кампања ќе ја следи како сите претходни.
– Ќе ја продолжиме традицијата да не го истражуваме Мајкл (неговото семејство и фондација) и истата политика ќе ја применуваме и кон неговите демократски ривали, посочи Миклтвајт.
Блумберг вчера најави дека се вклучува во трката на кандидати на Демократската партија за претседателските избори во САД.
– Се кандидирам за претседател за да го победам Доналд Трамп и да ја обновам Америка. Не можеме да си дозволиме уште четири години необмислени и неетички акции на Трамп, изјави 77-годишниот Блумберг.
Тој, според Форбс, е осми најбогат Американец, чие богатство се проценува на 53,4 милијарди долари. Негова предност е што може сам да ја финансира својата кампања и да вложи милиони долари за реклама и за вработување на персонал.
Богатството на актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп се проценува на 3,1 милијарди долари.
Тој една деценија беше градоначалник на Њујорк од редовите на Републиканската партија, а минатата година се регистрираше како демократ и стана гласен критичар на Доналд Трамп.