Шест европски и меѓународни организации за одбрана на слободата на медиумите денеска започнуваат тридневна мисија во Унгарија за да го вратат фокусот кон ова прашање.
Европската федерација на новинари, Комитетот за заштита на новинарите, Репортери без граници, Меѓународниот медиумски институт, и уште две други меѓународни организации од денес до среда ќе го анализираат нивото на слободата на медиумите во Унгарија.
Претставниците на организациите ќе се сретнат со портпаролот на унгарската влада, Золтан Ковач и со новиот градоначалник на Будимпешта, Гергели Карачони, од редовите на опозицијата.
Во европската јавност помалку се зборува за притисоците врз новинарите од порано, а фокусот е ставен пред сѐ на нападите врз правната држава.
-Бројни извештаи покажуваат како премиерот Виктор Орбан ги замолчува критичките гласови во земјата, а истовремено гради провладина медиумска империја, инсталира сојузници на сопственички места во медиуми кои порано биле независни. Иако критичките медиуми сѐ уште постојат во Унгарија, овие случувања масовно го ограничија пристапот на јавноста до независните информации, соопштија од Европската федерација на новинари.
Мисијата на организациите ќе се сретне со новинари и невладини организации и ќе ги слушне ставовите на сите страни за последните случувања, а ќе се интересира и за ефектите на прекршочната процедура на ЕУ против Унгарија за владеењето на правото, како и неодамнешните локални избори кои и донесоа победа на опозицијата во главниот град.