Зградата на Европскиот парламент во Стразбур вечерва е осветлена со портокалова боја во знак на осуда на насилството на кое се жртви жените, јавува дописникот на МИА.
Европскиот парламент е вклучен во иницијативата на ООН „Orange the World“, која годинава посебно внимание му посвети на сексуалното насилство на кое се жртви жените и посебно силувањето.
При отворањето на сесијата, претседателот на ЕП Давид Сасоли изјави дека „секоја трета жена страда од физичко или сексуално насилство во текот на нејзиниот живот“.
– Овие жртви не се статистика, рече тој, барајќи да се прекине молчењето и да се стави крај на неказнивоста на сторителите на овие злосторства.
Според податоците, секоја втора жена била жртва на сексуално вознемирување, а 43 отсто од жените биле изложени на психолошко злонамерно или „дед“ однесување „на контрола“ во нивните врски.
Претседателката на комисијата за правата на жените, Евелин Рење (социјалист, Австрија) признава дека овие бројки се „алармантни“.
– Сторителите на овие дела се сопрузите, браќата или придружниците, рече Рење.
Според австриската европратеничка „најопасното место за жените е нивниот дом“.
– Време е државите членки на ЕУ да ја ратификуваат, без одлагање, конвенцијата од Истанбул. Се работи за правен обврзувачки инструмент кој има за цел да го спречи и да се бори против насилството врз жените и девојките. Европа треба да покаже лидерство со цел да ја промовира и координира политиката за да се постигнат резултати во целиот свет, нагласи претседателот на ЕП, Давид Сасоли.
Европскиот парламент вечерва расправа за приклучувањето на Европската Унија во Конвенцијата од Истанбул и за другите мерки за борба против насилството од полова природа.