Најголемата сепаратистичка партија во Каталонија – Републиканската левица (ЕРЦ), донела одлука да ја поддржи новата шпанска Влада, но во замена бара да почне преговори за независност, јави Хина.

Околу 95 отсто од членовите на Каталонската републиканска левица го поддржале планот според кој може да и се даде поддршка на шпанската Влада под водство на социјалистите доколку почнат преговори за прашањето на сецесија.

Овој резултат од необврзувачките консултации може да доведе до тоа ЕРЦ да стане одлучувачкиот фактор во формирањето на владата на социјалистите под водство на досегашниот премиер Педро Санчез, кои на изборите на 10 ноември не добија мнозинство за самостојно формирање влада.

Функционерката на ЕРЦ Марта Вивалта изјави дека резултатите покажале дека партијата и натаму ќе одбива да му олеснува на Санчез да формира влада, освен ако социјалистите не ги прифатат нивните барања.

-Ако социјалистите сакаат нешто од нас, мораат да направат чекор, ако не сакаат, ние ќе го задржиме нашето ’не’, рече таа.

Цел на партијата е неделава да се сретнат со социјалистите, изјави извор од ЕРЦ.

На гласањето во партијата членовите биле запрашани дали се согласуваат „ да ги отфрлат тврдењата на Педро Санчез, освен доколку пред тоа не се постигне договор дека политичкиот судир со шпанската држава да се решава на масата за преговари“.

Во пописот со партиски услови се вклучени и преговори за независност, како и амнестија за каталонските лидери.

Шпанскиот парламент по овие избори, четврти во последните четири години, излезе порасцепкан од било кога претходно.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/11/2019 12:19