Националната федерација на фармери (НФФ) ja поздравува мерката 115 од Програмата за рурален развој во чии рамки е објавен јавниот повик за неповратна финансиска помош за жените земјоделки.

Како што вели претседателката на НФФ, Васка Мојсовска, ваквата подршка е многу значајна и е прва директна помош за жените од руралните средини кои се соочуват со голем број предизвици: социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита,…

-Мерката ќе има позитивен ефект за јакнење на руралната жена, посебно за подобрување на нејзиниот економски и социјален статус. Токму со оваа мерка ќе почне напредокот на жените чија основна дејност е земјоделството. Ќе се овозможи развој на нивните претприемачки вештини за производство и продажба на преработки од примарни земјоделски култури како сирење, мед, слатка, ајвар, мармалади,…, нагласува Мојсовска.

Предочува и дека актуелните проблеми на жените од руралните средини поттикнуваат миграција.

–Околу 64 отсто од руралните жени не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47 проценти од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми. Во однос на наследувањето имот, доминантната традиција во руралните средини им дозволува само на мажите да се појават како наследници. Само пет отсто од жените ретко се појавуваат како носители на имот и земјоделско земјиште, нагласува Мојсовска.

Според неа, освен оваа мерка за поддршка донесена во соработка со сите чинители, треба да се усвојат и други, не само мерки, туку и стратeгии и закони.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/11/2019 14:51