Производството преку кое граѓаните се снабдуваат со електрична енергија тече во најдобар ред и согласно плановите на АД ЕСМ, соопшти денеска компанијата.
– Снабдувањето е сигурно и стабилно и секое споменување на АД Електрани на Македонија во негативен контекст во изминатите денови од страна на партиски претставници е неиздржано и спротивно на фактичката ситуација. Нашето производство е во пораст и тој тренд се задржува од 2017г наваму. Производството на најголемиот капацитет, РЕК Битола, е поголемо за 13% од планираното, со што се компензира пониското производство на хидроелектраните годинава поради непогодната хидролошка година, се вели во соопштението од АД ЕСМ.
Посочуваат дека и РЕК Осломеј е вклучен во системот и дава придонес во задоволување на зголемените потреби за електрична енергија со почнувањето на грејната сезона, а зголемено е производство на електрична енергија и од Ветерниот парк Богданци.
– Увоз на електрична енергија нема и АД ЕСМ целосно ги исполнува своите преземени обврски за производство, кое е оптимизирано и со навремените инвестициски зафати за тековно одржување на капацитетите. Сакаме да нагласиме и дека минатата недела АД ЕСМ ја задржа истата цена за продажба на електричната енергија кон Универзалниот снабдувач, со што обезбеди основни услови да нема поскапување на струјата за граѓаните, наведуваат од АД Електрани на Северна Македонија.