Германката Урсула фон дер Лејен e првата жена која ќе претседава со Европска комисија, и која се очекува да добие зеленото светло од европратениците на денешното гласање во Стразбур.

Составувањето на новата комисија не беше лесно, со оглед на тоа дека тројца кандидати за комесари беа вратени, плус проблемот со нерешениот Брегзит.

Новата Комисија за да биде потврдена треба да добие просто мнозинство од присутните европратеници на гласањето закажано околу 12,00 часот.

Резултатот од гласањето ќе биде ќе биде вреден показател за поддршката што таа ќе ја има во текот на петте години од нејзиниот мандат. Парламентот, во јули и даде сосема мало мнозинство на претседателката Фон дер Лејен, од само девет гласови повеќе.

Гласањето за Еврокомисијата нема да биде тајно, што ќе ја покаже дисциплината во парламентарните групи.

-Ние ќе бидеме обединети во нашата поддршка за Комисијата, вети во вторникот Германецот Манфред Вебер, лидер на 182 европратеници на групата на Европската народна партија. Неговата кандидатура за позицијата беше одбиена од Емануел Макрон, кој и ја даде поддршката за назначувањето на Фон дер Лејен.

Вкупно 154 избрани социјалдемократи и 108 либерали од Обновена Европа, исто така, треба да гласаат „во големо мнозинство“ во корист на новата комисија.

-Ќе ја имаме најпрогресивната Европска комисија во последно време, наједнаква според застапеноста на жените и меѓу своите приоритетни политики ги има оние кои се приоритетни за нашата група, што е од суштинско значење, тврди шпанскиот социјалист Ираткс Гарсија Перез.

Сепак, петтемина француски социјалистички европратеници ќе се воздржат.

-Ние не потпишуваме бланко чек, но нема да одиме во војна, рече францускиот европратеник Рафаел Глуксман.

Тие се приклучуваат на позицијата на Зелените, кај кои скоро сите треба да се воздржат. Шест месеци по европските избори, „ние сакаме да Комисијата (единствената што може да предложи закони во ЕУ) да започне да делува“, рече Германката Ска Келер, копретседател на Зелените.

Таа, исто така, го поздрави зголеменото присуство на жени во тимот на Фон дер Лејен: 12 наспроти девет во Комисијата на Жан-Клод Јункер.

Но, „има многу работи што не ни одговараат“, рече другиот копретседател, Белгиецот Филип Ламбертс. Тука е назначувањето за комесар за проширување од Унгарија, за кое неговите критичари сметаат дека тоа е поддршка на анти-ЕУ позициите на владата на Виктор Орбан.

Ска Келер, тоа го забележа и денеска на пленарната сесија, прашувајќи ја претседателката на Комисијата како еден претставник на Унгарија, може да бара од земјите кандидати да ги почитуваат вредностите на ЕУ, кои владата на неговата земја не ги почитува.

Назначувањето на Французинот Тиери Бретон, поранешен извршен директор на „Атос“, компанија специјализирана за дигитални услуги за важното портфолио на единствениот пазар и дигиталното општество, исто така, не им се допаѓа на некои европратеници. За социјалистичката европратеничка од Франција Силви Гијом, Бретон не дал „доволно“ одговори за време на неговото сослушување „за лобирањето, иако и тој лобираше на сите теми во своето портфолио“.

Екстремната левица (ГУЕ) од своја страна ги осудува „сличните либерални рецепти“ на претходната Комисија и ќе гласа против, исто како и екстремната десница.

Новиот состав на Комисија ќе има 26 комесари плус претседателот, но ниту еден претставник на Велика Британија, иако таа земја сè уште е членка на ЕУ. Лондон одби да предложи име за еврокомесар пред изборите на 12 декември закажани во Велика Британија, во надеж дека Брегзит набрзо ќе се реализира.

Од моментот кога тие имаа можност да номинираат кандидат, „фактот што сега нема британски комесар, не го спречува воопшто гласањето на Европскиот парламент, рече портпаролот на Европскиот парламент.,Жом Дух Гилот.

Првата заложба на Комисијата, според зборовите на претседателката на Комисијата ќе биде „Зелениот договор“, кој наспроти загриженоста за климатските промени, треба да биде откриен на 11 декември во пресрет на европскиот самит.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/11/2019 19:23