Кога станува збор за руското влијание на Западен Балкан, Србија е најпопустливата земја, а пред доаѓањето власт на Српската напредна партија (СНС) предводена од претседателот Александар Вучиќ во 2012 година, билатералните врски на Србија со Русија на воен план беа на многу пониско ниво, се наведува во извештајот на Министерството за одбрана на САД од мај оваа година, во кое имаше увид Радио Слободна Европа (РСЕ).
-После 2012 година, СНС презеде чекори за зголемување на воената соработка со Русија, се вели во извештајот, во кој се додава дека соработката резултирала со потпишување на договор за стратешка соработка во ноември 2013 година, како и дека само Србија од земјите на Западен Балкан има потпишано договори за безбедносна соработка.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, во извештајот се нагласува дека од 2014 само Србија учествува во заеднички воени вежби со Русија, најмалку двапати годишно и дека благонаклонето гледа на помошта за добивање воена опрема.
-За да се спротивстави на меѓународната изолација што уследи по нелегалната анексија на Крим во 2014 година, Русија почна да покажува поголем интерес за развој на воената соработка со Србија. Подоцна истата година се одржа првата заедничка воена вежба, Срем 2014, со над 400 (учесници) на воздухопловните сили, по што српската армија за прв пат учествуваше во тенковска вежба на Меѓународните воени игри во Русија. Учеството продолжи и во наредните години, се наведува во извештајот.
Кога станува збор за набавка на оружје и опрема, се посочува дека, од 2012 година, само Србија меѓу земјите од Западен Балкан има набавено руско оружје и опрема во износ од над еден милион долари.
Од земјите во регионот само Србија има соработка со Русија и во разузнавачкиот сектор. -Отворени извори ја поврзаа посетата на Николај Петрушев, секретар на рускиот Совет за безбедност, во октомври 2016 година со фактот дека двајца руски разузнавачи осомничени за вмешаност во обидот за пуч во Црна Гора биле депортирани од Србија. Директорот на руското надворешно разузнавање (СВР) Сергеј Наришкин и претседателот на Србија Александар Вучиќ на состанокот на 17 април 2018 година се договорија да ја продолжат соработката и активностите во безбедносните и разузнавачките сектори, се вели во извештајот. На Западен Балкан, Русија е решена да го отфрли влијанието на ЕУ и САД и да го намали влијанието на НАТО, се вели во извештајот.
-Клучот на стратегијата на Русија е да го сврти јавното мислење против евроатлантските интеграции. Русија користи алатки, вклучително економска помош, дипломатска поддршка, енергетска зависност и насочени комуникацијски кампањи и кампањи за дезинформации, се наведува во извештајот, додавајќи дека „САД и Европската унија не можат да си дозволат амбивалентност на Западен Балкан, затоа што ваквиот пристап ја отвора вратата за руското малигно влијание “.
-Постојат бројни примери на руско малигно влијание, вклучувајќи: обидот за државен удар во Црна Гора, агресивна руска кампања за дезинформации насочена која за цел имаше обид за нарушување на референдумот во Северна Македонија за договорот за промена на името со Грција, што беше предуслов за членството на Северна Македонија во НАТО , се наведува во документот.
Во во извештајот на Министерството за одбрана на САД за руското влијание за Северна Македонија, се наведува дека „одбранбената политика на Северна Македонија првенствено е водена од нејзиното членството во НАТО.“
-Аспирацијата на Северна Македонија за членство во НАТО го зајакнаа нејзиниот отпор кон руското мешање. Северна Македонија избегна учество во активности кои се поврзуваат со Русија на полето на безбедноста, се вели во извештајот.
„БиХ и Северна Македонија се во процес на одрекување од наследството на руската воена опрема. Ова претставува можност САД да станат нивнен избран партнер“,пишува во извештајот. Безбедносната соработка помеѓу САД и Северна Македонија е оценета како продуктивна.
-Потпишувањето на историскиот Преспански договор со Грција во јуни 2018 година (со кој се реши повеќедеценискиот спор за името) отвори ново поглавје за безбедносна соработка со Северна Македонија. Бидејќи Грција сега го поддржува членството на Северна Македонија во НАТО, сојузницитена 6 Февруари 2019 година потпишаа Протокол за пристапување на Северна Македонија во НАТО како 30-та членка на Алијансата, се наведува во извештајот.