Советот на Град Скопје донесе одлука за проектирање на нов забавен парк. Во состав на паркот ќе биде проектирано и панорамско тркало. По жестока дебата меѓу советниците од власта и опозицијата, за оваа одлука раководителот на Секторот за планирање и уредување на просторот при Градот Скопје Никола Гаџовски рече ова тркало не било исто како тоа на Вардар.

– Станува збор за тематски забавен парк кој ќе привлече многу туристи. Панорамското тркало ќе биде многу поевтино од тоа што требаше да се гради во Вардар. Во забавниот парк ќе има 20 нови реквизити, а ќе бидат вградени и тие што беа претходно набавени, рече Гаџовски, раководител за сектор за урбанизам.

Тој додаде дека за потребите на паркот, ќе бидат комплетно дислоцирани сите летни дискотеки.

Расправата беше по точките од дневниот ред Предлог – одлуката за проектирање, изградба на забавен парк, набавка на опрема-реквизити и нивно монтирање и Предлог – одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за изградба на забавен парк (Луна парк), набавка на реквизити и нивно монтирање.

Советниците на Град Скопје денеска меѓудругото расправаа и за Извештајот за извршување на буџетот на Град Скопје за 2019 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/11/2019 19:47