Манастир и џамија. Преку 300 куќи, (пра)стари и нови. Население мешано, македонско и турско. Тутун нанижан речиси во секој двор. Две реки. Неколку чешми. Мирис на роса и планинска трева.

Село Конче.

„Раскомотено“ под падините на планината Серта, на надморска висина од околу 650 метри, му пркоси на времето повеќе од 1.000 години.

Земјоделството тука е основна дејност. Околу домот се грижат жените, а лебот, главно, го заработуваат мажите, ако не со одгледување некоја градинарска култура или жито, тогаш со помал приватен бизнис (транспорт или сечење и продавање дрва).

Млади има, но сè помалку. Актуелните политичко-економски случувања го земаат данокот и во Конче.

– Младите сè почесто се селат. Си одат, не само од селото, туку од државата. Си одат скоро сите. Вадат бугарски пасош и заминуваат. Бегаат. Кој како стигне, кој како има можност. Стратегијата да ги задржиме ни е тутунот. Некои ја продолжуваат традицијата, но не многу. Намалени се и површините под тутун, преполовени се, освен можеби во делот каде што живее турското население. Таму се зголемени, велат селаните.

За соживотот е излишно да се зборува. Мераба или здраво – сеедно. Ефектот е ист, почитта беспрекорна.

– Отсекогаш сме имале соживот. За Бајрам се оди во турските куќи, а за Божиќ и Бадник во македонските. И сега да одите во чајџилница, ќе видите како Македонци и Турци си седат заедно. Досега никогаш немало никаков проблем, особено не етнички. Постојано сме заедно, си помагаме едни на други. Заедничко, збирно место ни е Пензионерскиот дом, таму се вртат главните муабети, низ насмевка раскажува момчето Турчинче, кое по ништо не можете да го разликувате од неговото другарче Македонче што постојано додава нешто.

Рурален туризам

Конче е оддалечено од Скопје 140 – 150 километри. Најблиско поголемо гратче е Радовиш, на само 22 километра, а до Струмица има околу 45 километри. Кога возите кон Конче, прво минувате низ селата Дедино и Ињево. Штом ќе ја здогледате зградата на Општината, знаете дека сте на правото место. Жителите ќе ве пречекаат со насмевка, со убав збор. Ќе ве прошетаат и ќе ви (раск)кажат сè што сакате.

Во Конче, на кое се надоврзува селото Лубница, можете да видите асфалтирани улички, но и земјени патеки, локални продавнички, амбуланта, пошта, основно училиште, комунално претпријатие (во зградата на поранешната полиција), народна кујна… Има и две помали брани за наводнување, една приватна млекарница, која произведува овчо и козјо сирење, а тука е и стадионот на фудбалскиот клуб „Серта“ од 1950 година, денес обраснат, надвор во функција.

За одмор, пешачење, риболов, спортски риболов, најпосетувано место во околината е езерото Мантово, богато со крап, костреш, плашица. Околу него има 200 вили. Не ретко тука доаѓаат и љубителите на мотокрос-трките. Позната е и локацијата Влашки Колиби, која има бунгалови и најчесто е викенд-дестинација за жителите од Конче и околните градови. Тоа е прекуграничен проект на Општина Конче со Бугарија, близу е до езерото и има преубав поглед кон него.

Одлична за релаксација е и планината Серта со врвот Волчјак, висок 1.159 метри. Во близина е и Пожар, местото каде што е лоцирана метеоролошката станица за југоисточниот регион.

На Петровден, 12 јули, Конче заедно со останатите села од околината го одбележува Денот на Општина Конче. Жителите се собираат во Домот на културата, каде што настапуваат игроорни групи, а по овој повод се организира и познатиот ноќен турнир во мал фудбал.

Конче го празнува и „Св. Константин и Елена“. На 3 јуни. Велат дека порано, во античко време, на овие простори се наоѓало селото Костадинци од кое, наводно, потекнува името на денешно Конче, а оттука призлегува и празникот.

Јубилеј – 1.000 години постоење

Конче првпат се спомнува во 1019 година, во записите за византискиот император Василиј Втори.

Годинава селото ќе одбележи еден милениум постоење, иако, според жителите, веројатно е многу постаро.

Во документ што го имала Охридската архиепископија пишувало дека е едно од најстарите христијански упоришта, покрај Струмица и Вељуса. Во средниот век имало статус на црковен град, зашто манастирот „Свети Стефан“, кој датира од 13 век, управуал со целата територија. Црквата во манастирот е од 1366 година, но и џамијата во селото е од 13 век.

– Можеме да се пофалиме со навистина голема историја, но и со големо археолошко богатство и културно наследство. Скоро беше пронајдена гробница на кралица од прв или втор век, како и кочија, а во Музејот на Штип се изложени исто така голем број пронајдоци од Конче. Во црквата, пак, во 15 век живеела словенечката грофица Катерина Кантакузина, која во тоа време била на многу видни позиции во Словенија, Хрватска и Србија.

По налог на Хиландар, под чии ингеренции бил и нашиот манастир, Катерина всушност дошла кај нас како замена на нејзината постара сестра Мара, христијанка, која, пак, била управител на манастирите на Света Гора, истакнуваат жителите.

Грофицата починала тука и до денес нејзиниот гроб е во црквата, раскажуваат жителите.

Интересен е и податокот дека во црквата на манастирот „Свети Стефан“ има два тунела. Едниот води кон планината Серта, а другиот кон една стара градба чии остатоци сè уште се наоѓаат во дворот на манастирот.

Конче продолжува да ја испишува историјата. Можеби во аналите ќе биде забележано дека селото сè уште, иако сме 21 век, останува неповрзано со соседниот поголем град, Струмица. Пат има, но земјен и никој не го користи. Сите одат преку Радовиш.

Мирјана Чакарова



Автор: Администратор
Објавено на: 28/11/2019 15:51