Повеќе од 300 брендови за облека бараат од купувачите да не купуваат ништо на распродажбите на Црниот петок поради еколошки причини.
Организацијата „Направете го петок повторно зелен“ (Make Friday Green Again) вели дека зделките за попуст ги охрабруваат луѓето да купуваат работи што не им се потребни.
Тие истакнуваат дека оваа „хиперпродукција“ придонесува за климатските промени.
Наместо тоа, купувачите на 29 ноември годинава да погледнат во своите гардеробери и да видат кои предмети можат да ги поправат, да ги продадат или да ги рециклираат.
Но, Британскиот конзорциум за малопродажба тврди дека денот им дозволува на потрошувачите да купат производи што вообичаено не можат да си ги дозволат.
Направете го петок повторно зелен
Колективот, претежно составен од француски брендови, го започна Николас Рор, еден од коосновачите на еколошката компанија за облека, Фагуо.
– Кога луѓето купуваат нешто, ние загадуваме поради емисијата на јаглерод што доаѓа од правењето на тој производ, од неговото користење и потоа од ослободувањето од тој производ, рече тој.
– Денес не го купуваме она што ни треба; го купуваме затоа што сме испровоцирани.
– Повеќе не сме во добри односи со потрошувачката.
– Ние сакаме луѓето да се фокусираат на она што веќе го имаат во своите гардеробери, ако навистина ви треба нешто повеќе, можете да го купите.
Што е Црн петок?
Црн петок е најпрометниот шопинг-ден во годината, кога многу трговци на мало имаат специјални 24-часовни промоции, за да ги натераат луѓето да купуваат подароци за Божиќ.
Тоа е концепт што почна во САД и се одржува ден по американскиот празник Денот на благодарноста.
Заштедите можат да бидат толку значајни што можат да урнат интернет-страници и да се видат купувачи кои со денови однапред чекаат поволни цени.
Името го добил затоа што често е денот кога многу продавници одат „во црно“ – што значи дека тие почнуваат да заработуваат повеќе пари отколку што треба да потрошат.
Дали Црниот петок е лош за животната средина?
Сè што купуваме не чини само пари, туку има и еколошки трошоци. Ова зависи од тоа како е нешто направено, од што е направено, колку далеку е транспортирано и што се случува со него на крајот од неговиот живот.
Аргументот од колективот е дека колку помалку купувате, толку е помало влијанието врз животната средина. Исто така, може да ви заштеди пари.
Доктор Петси Пери, постар предавач за моден маркетинг од Универзитетот во Манчестер, рече: „Црн петок е одлично време да се искористат попустите, но тоа е спротивно на она што се обидуваме да го направиме со одржливоста. Од една страна, трговците на мало сè повеќе зборуваат за одржливост сега и за сите добри работи што ги прават, но, од друга страна, се чувствува како да ги охрабруваат луѓето да продолжат да купуваат повеќе работи.“
Таа додаде: „Големите попусти комуницираат нешто до потрошувачот во однос на тоа колку вреди тој производ. Мислам дека сè повеќе ќе видиме повеќе бизниси кои велат дека не сакаат да бидат дел од овој (Црн петок).“
Почеток на „златниот квартал на продажбата на мало“
Британскиот конзорциум за малопродажба ги брани продавниците што учествуваат во Црниот петок.
Неговиот главен извршен директор Хелен Дикинсон рече: „Вклучувањето е комерцијална одлука на трговците на мало. Таквите продажби им овозможуваат на потрошувачите пристап до многу стоки што инаку не би можеле да си ги дозволат, особено што доаѓа Божиќ“.
„По една година стагнација на продажбата, многу трговци ќе чекаат Црн петок за да им посакаат добредојде на купувачите и да влезат во ’златниот квартал на продажба на мало’.“
Но, господин Рор рече дека „Направете го петок повторно зелен“ не е за да се обвинат брендовите или купувачите, туку да нè прави посвесни за тоа како можеме да живееме поодржливо.
– Последните две години остваривме голема продажба – 5 проценти од годишниот обрт – но не се чувствувавме пријатно со тоа, објасни тој.
– Знам дека ќе изгубам обрт во споредба со моите конкуренти, но ќе го прифатам затоа што мојот интерес е во иднината на планетата. Треба да имаме храброст да ги промениме работите дури и ако треба да жртвуваме некој обрт.
– Повеќе би сакал брендовите да понудат добра цена во текот на целата година. Ние го правиме тоа за нашата генерација и нашата планета.
Би-би-си