Државниот инспекторат за труд нема механизам да докаже дали работодавачот им ги бара назад парите на вработените за зголемената минимална плата. Таквите случаи, како што рече денеска директорот на Инспекторатот, Аљајдим Хавзиу, треба да се пријават кај истражен орган.

-Немаме механизам за да докажеме дека работодавачот ги барал парите назад од вработените. Ние не сме истражен орган. Ретко доаѓаат луѓе и се жалат, но ние им укажуваме дека не сме орган кој тоа ќе го детектира и докажува. Има истражни органи во МВР, мислам дека таму треба да се пријавуваат иако тоа се веќе ретки случаи. Мал е бројот на работници, тоа е веќе луксуз. Се менува сликата последните три-четири години со одливот на луѓе надвор, рече денеска директорот на Инспекторатот, Аљајдим Хавзиу, одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето меморандум за соработка со Сојузот на стопански комори.

Во врска со К-15, Хавзиу истакна дека работниците се повеќе се охрабруваат и доставуваат претставки.

– Последниве години повеќе вработени се осмелуваат да пријавуваат и тоа е радосната вест, не дека работодавачите не исплаќаат. Има одлични компании, но има случаи кои не пријавуваат. Лани имавме над 1.000 претставки. Повеќето се однесуваа на тоа кој да исплати К-15 ако работникот шест месеци работел на едно, а шест месеци на друго место. Тука има највеќе претставки, но ние успешно ги решаваме. Очекуваме овој период да има повеќе претставки по тој основ, рече директорот.

За изречени казни, пак, за нерегистрирани фирми, соопшти, се уште нема точна бројка. Глобата, според Зконот, е до 4.000 евра.

– Ако се плати во рок од осум дена, пола од таа сума е казната. Немаме точен податок на колку фирми е изречена казна, но од апсект на Трудовата инспоекција и носењето решение е вид казна, не мора секогаш да се работи за глоба. Ако не се постапи по решението на инспекторот, се разбира дека ќе се примени и казна, истакна Хавзиу.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/11/2019 18:06