Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на Финтек-форумот 17 + 1 на високо ниво во Вилнус, што го организираа Банката на Литванија и литванското Министерство за финансии. На сесиите посветени на значењето на новите финансиски технологии за економскиот развој и трговијата и на рамнотежата меѓу иновациите и управувањето со ризиците, таа посочи на повеќе битни аспекти и се осврна на преземените активности во нашата земја во насока на поддршка на финансиските иновации и создавање поволен амбиент за развој на финтек-секторот, соопшти нродната банка.

Во своето излагање, Ангеловска-Бежоска стави акцент на значењето на финансиските иновации за олеснување и поддршка на трговијата, како особено битен предуслов за одржлив развој на малите и отворени економии. Во тој контекст, се осврна на иновациите во доменот на платежните услуги, како важен предуслов за зголемување на трговските врски.

– Унапредувањата во сферата на дигиталните плаќања можат да придонесат за зголемување на обемот на трговијата, а со тоа и за растот на економиите, истакна Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката посочи на активностите кои се преземаат во земјава за создавање инфраструктура и регулаторна рамка за иновативни платежни услуги, преку подготовката на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, со кој се применуваат директивите на Европската Унија од оваа област.

На форумот, таа ги претстави и другите проекти кај нас чија цел е да го олеснат процесот на иновации во финансиската сфера, како што е платформата за комуникација со финтек-секторот т.н. Порта за иновации. Ја нагласи и потребата за изготвување развојна стратегија за дигитализација на финансиските услуги во нашата земја.

Ангеловска-Бежоска се осврна и на потенцијалните ризици кои со себе ги носи процесот на интензивна дигитализација на финансиските услуги, особено низ призмата на ризиците за финансиска стабилност и заштита на потрошувачите. Таа упати на потребата од активно следење на финансиските иновации од страна на регулаторите со цел процена на ефектите врз финансиската стабилност, но и на потребата од активно делување на полето на заштитата на потрошувачите, вклучително и преку финансиската едукација.

Учесници на Финтек-форумот беа високи претставници на централните банки и на министерствата за финансии од сите земји од Централна и Источна Европа, како и претставници на финансиските регулатори во Кина.

Учество на форумот Ангеловска-Бежоска го искористи и за средби со повеќе меѓународни експерти, на кои се дискутираше за натамошните предизвици на централнобанкарската заедница во сферата на иновативните финансиски технологии и дигитализацијата, се вели во соопштението од Народната банка.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/11/2019 19:31