Податоците на Бирото за интелектуална сопственост на Европска Унија покажуваат дека веб корисниците во ЕУ сѐ помалку посетуваат пиратски содржини на интернет.

Извештајот се однесува на периодот од јануари 2017 до септември 2018 година и забележува дека пристапот до пиратски содржини паднал за 15,1 отсто во целата Унија. Најголем пад бележи музиката со 32 отсто, филмовите со 19 отсто и телевизиските емисии со осум отсто.

Но, разликите меѓу земјите во ЕУ остануваат значајни. Па така, во Летонија и Литванија веб корисник во просек користи пиратски содржини 26 пати месечно, додека таа бројка паѓа на помалку од четирипати месечно во Финска.

Истражувањето е спроведено врз 70 милијарди интернет конекции ширум ЕУ.

– И покрај падот на пиратска консумација, има уште многу работи за справување со овој проблем, алармираат експертите од Бирото за интелектуална сопственост и додаваат дека индустриите во кои интелектуална сопственост игра важна улога, како телевизијата, филмот и музиката, претставуваат единаесет милиони работни места во ЕУ. Изгубените приходи од пиратските содржини се директна закана за сите овие индустрии, предупреди извршниот директор на Бирото, Кристијан Аршамбо.

Дополнителна студија објавена вчера открива дека 13,7 милиони граѓани во ЕУ користат илегални „стримови“ во износ од 941,7 милиони евра годишно.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/11/2019 19:33