Пред Kонференцијата на Обединети нации за климатски промени (КOP25) што ќе се одржи во Мадрид од 2 до 13 декември, Европскиот парламент усвои резолуција со која се прогласува вонредната состојба за климата и за животната средина во Европа и во целиот свет, јави дописникот на МИА.
„За“ резолуцијата гласаа 429 пратеници, 225 се изјаснија „против“ и 19 „воздржани“.
Во резолуцијата ЕП ја повикува ЕУ што поскоро да ја достави до Конвенцијата на ОН за климатски промени својата долгорочна стратегија за постигнување на неутралност на климата до 2050 година. Покрај тоа, европратениците ја повикаа на новата претседателка на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, да ја вклучи во Европскиот зелен пакт целта за намалување на емисиите од штетните гасови за 55 проценти до 2030 година.
Европратениците сметаат дека сегашната амбиција за воздушниот и поморскиот транспорт е недоволна во поглед на неопходните намалувања на емисиите. Сите земји, според нив, треба да ги вклучуваат емисиите од меѓународниот воздушен и поморски транспорт во нивните национално-утврдени планови и придонеси. Тие бараат од Комисијата да предложи вклучување на поморскиот сектор во Европската шема за трговија со емисии (ЕТС). Земјите на ЕУ, според ЕП, треба барем двојно да го зголемат својот придонес во
Меѓународниот зелен фонд за климата. Земјите-членки на ЕУ се главните јавни финансиери на борбата против климатските промени и буџетот на ЕУ треба да биде целосно во согласност со меѓународните обврски. Европратениците исто така забележуваат дека реалните ветувања на развиените земји сè уште се под колективната цел да се пронајдат 100 милијарди американски долари годишно започнувајќи од 2020 година.
На крај, европратениците ги повикуваат сите земји на ЕУ да ги укинат сите директни и индиректни субвенции за фосилните горива до 2020 година. Европската комисија веќе предложи цел на неутралност на емисиите на јаглеродот до 2050 година, но Европскиот совет сè уште не го одобри предлогот бидејќи Полска, Унгарија и Чешка се против.