Овогодишната престижна награда „Цвет за успехот на жена змеј“, титула што над 20 години ја доделува Здружението на деловни жени на Србија за најуспешна жена претприемач во Србија, ја доби Македонката од Белград, д-р Нина Синицки.

По трагата на оваа вест, МИА ја побара фамилијата Синицки, наши успешни Македонци со потекло од Битола, за кои во Белград ќе ви кажат дека се семејство што ги спојува медицината и музиката, а се во служба на човекот. Но и дека ангажманот на д-р Нина Синицки на сите полиња „не би можеле ни тројца да го постигнат“.

Д-р Никодинка Николовска Синицки е доктор по медицински науки, специјалист оториноларинголог и на квантна медицина, со диплома од Факултетот за музичка уметност, сопственик на првата приватна поликлиника за интегративна медицина во Србија и на Балканот „Ас медикус биорезонанца“, која во 1995 година ја основа со сопругот, битолчанецот д-р Александар Синицки, исто така еден од попознатите лекари во Белград.

Од мала ординација, „Ас медикус биорезонанца“ прерасна во клиника што воведе нов медицински правец во Србија – квантно-информациона медицина и интегративен пристап во дијагностиката и терапијата, а во 2011 отвора уште една поликлиника на Нов Белград.

Д-р Нина Синицки по потекло е битолчанка, родена во Скопје, а студиите и емотивната врска со битолчанецот д-р Александар Синицки ги носат да живееат и да работат во Белград.

– Родена сум во Скопје, но јас сум битолчанка и живеев во Битола сè до својата 18-та година. Потоа во 1970 година дојдов да студирам во Белград, каде што со мојот битолчанец се венчавме, останавме да живееме и да работиме во Белград. Инаку истовремено завршив два факултета, Медицински факултет и Музичка академија. Работам и како професор во балетското училиште, 15 години пеам во академскиот хор „Колиџиум мјузикум“. Докторирав на Медицинскиот факултет на темата „Болести на гласот“, со што ги поврзав моите две љубови, медицината и музиката, ни кажа д-р Нина Синицки.

Има работено и како шеф на ОРЛ-одделението на Универзитетската поликлиника и била началник на сите специјалистички служби, по што ја основа поликлиниката, во која работи како директор и специјалист за ОРЛ и како организатор и стручњак за маркетинг. Квантната медицина ја усовршува во Москва, Киев и Прага, а има завршено и школа за индиска ајурведе и кинеска акупунктура.

Поликлиниката „Ас медикус биорезонанца“ во период од 25 години досега има излечено над 20.000 пациенти, ни кажа д-р Нина, објаснувајќи ни ја функцијата на квантната медицина.

– Класичната медицина лечи болести, а квантно-информационата медицина се бави со здравствената состојба на организмот, системот на саморегулација и самоизлекувањето. Светот на вибрациите и на биорезонанција одамна е познат и со тоа се бави визионерскиот дел на медицината, а квантната медицина ги претставува сегашноста и иднината и затоа моја мисија е да ја дадам најдобрата можна здравствена услуга, ни кажаа таа.

Оваа необична и сестрана жена пред сè е посветена на фамилијата, работејќи нејзините две деца да станат добри луѓе и стручњаци во своите професии. Ќерката Ана е оперска пејачка, а синот Владимир е радиолог. Сите дома комуницираат на македонски јазик и, како што вели, Македонија им е во срцето.

– Дома си зборуваме на македонски јазик и многу ни значи Македонија. Честопати одиме во родната Битола, имаме интензивни контакти, кумовите ни се во Битола, учествувавме во работатата на повеќе конгреси меѓу Македонија и Србија, во Охрид учествувавме на конгрес на дијаспората. Активни сме и тука во Белград, во македонската заедница, контактираме, одиме на сите средби и прослави и ја следиме таа културна врска меѓу двете држави, не пропуштајќи ниту еден настап, концерт, изложба или театарска претстава од Македонија, трудејќи се и ние да бидеме дел од таа културна соработка, кажа д-р Нина.

Покрај таа културна соработка, Нина Синицки ни кажа дека со квантната медицина се познати и дека имаат честопати пациенти и од Македонија, особено од Битола.

– Луѓето ни се јавуваат и бараат помош од нас, меѓу кои е и пациентката која по повеќе прегледи во Скопје дојде тука и ние ја решивме нејзината здравствена состојба, ни кажа д-р Никодинка Николовска Синицки.

Завршувајќи го разговорот, сфативме зошто за д-р Нина, односно за целата фамилија Синицки се говори дека се семејство што ги спојува медицината и музиката, а се во служба на човекот, додавајќи дека сето тоа е со нашата позната македонска топлина.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2019 12:39