Од 15 декември почнува МојДДВ#МојаНаграда, заеднички проект на Министерството за финансии и УЈП и Државната лотарија на Македонија. Наградната игра ќе трае една година и ќе се доделат две главни премии од по 50.000 евра, секој месец ќе се доделуваат 15 награди од по 100.000 денари, додека секој ден ќе се доделуваат по 10 награди – 4 по 1.000 денари, 3 награди по 2.000 денари и 3 награди по 3.000 денари.

Министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната заедничка прес-конференција со директорката на УЈП Сања Лукаревска, информира дека вкупниот фонд на #МојаНаграда е половина милион евра, а ќе можат да учествуваат сите полнолетни граѓани кои се регистрирани во системот на е-персонален данок и кои скенираат фискални сметки преку апликацијата МојДДВ. Сите сметки кои биле скенирани, а не биле добитни за дневни награди, ќе учестуваат во месечното извлекување.

Како што појаснија, кога фискалната сметка ќе ја скенирате веднаш на екранот ќе се појави дали е добитна, доколку не е ќе добиете едукативна порака за тоа каде се трошат парите на граѓаните и други пораки.

– Граѓаните ќе бидат мотивирани да ги скенираат сите фискални сметки, без разлика дали имаат 5 проценти ДДВ или нула проценти ДДВ. Сега сите ќе имаат еднаква шанса за добивка, рече меѓу другото Ангеловска.

Сања Лукаревска, директорка на УЈП, на прес-конференцијата информирајќи дека од декември стартува исплатата на средствата за граѓаните согласно податоците од првото тримесечие на проектот Мој ДДВ, јули, август и септември, потенцира дека ќе има враќање на средства во износ од повеќе од три милиони евра во џепот на граѓаните.

Според неа, има одлични резултати во делот на наплата ако се споредат податоците споредбено со други години односно има скоро повеќе од 10 проценти зголемување на ДДВ-то и во јули, и во август и во септември.

Од 1 јули заклучно со 28 ноември, истакна Лукаревска, има вкупно 184.728 корисници на апликацијата за Мој ДДВ, скенирани се 39.584.924 фискални сметки, а остварен е промет од 19 милијарди 377 милиони денари. Вкупно ДДВ од сето пресметано, изнесува две милјарди 98 милиони 709 илјади денари, додека вкупно поврат за целиот период на траење на мерката Мој ДДВ изнесува пет милиони 119 илјади евра. Одговарајќи на новинарско прашање колку граѓани го имаат достигнато лимитот од 1.800 денари Лукаревска УЈП се уште ги прави анализите, затоа што, рече, има одредени лица кои го оствариле тој лимит, но ја немаат точната трансакциска сметка.

Таа апелираше до сите физички лица кои ја користат апликацијата Мој ДДВ да ги проверат своите трансакциски сметки, а доколку немаат внесено трансакциска сметка да го направат тоа што побрзо. Согласно евиденцијата во УЈП, 10.344 граѓани немаат внесено трансакциска сметка, а просечната старост на лицата кои скенираат фискални сметки е од 42 до 44 години возраст, а најмногу скенираат лица на возраст од 35 години. Во скопските општини Аеродром, Центар, Кисела Вода и Карпош има пораст на скенирањето на фискалните сметки, како и во Битола и во Штип.

– Имаме зголемување на пријавување на нерегуларностите од започнувањето на оваа мерка од 1.јули, а УЈП преку своите мобилни екипи постапуваше секојдневно. Правевме и снимање на промет, еден вид процес на опомена на оние даночните обврзници кои не го почитуваат законот, рече Лукаревска.

Инаку, маркетинг Агенцијата Меккен во следните 12 месеци ќе ја реализира маркетинг стратегијата за оваа наградна игра.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2019 17:00