Маркетинг стратегијата за наградната игра МојДДВ#МојаНаграда во следните 12 месеци ќе ја реализира маркетинг агенцијата Меккен. Таа победи на ФинХакатонот2, што изминативе три дена се одвиваше во Министерството за финансии со цел да се избере најкреативната стратегија за приближување на наградната игра до граѓаните. Осумте тима кои се натпреваруваа со идеи имаа обврска да вклучат по двајца студенти, кои добија шанса да работат со професионалци од етабилирани маркетинг агенции.

-Студентите беа вклучени во изработката на маркетинг стратегијата за да може да видат како работите функционираат во пракса. И Министерство за финансии и Државната лотарија на Македонија сакаме дел од овие студенти, кои беа учесници на ФинХакатон2, да бидат поканети на пракса во двете институции, за реално да гледаат како ќе се одвива целата стратегија на која работеа, рече министерката за финансии Нина Ангеловска по завршувањето на ФинХакатонот2.

Хакатонот го организираа Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој а организатори на наградната игра МојДДВ#МојаНаграда се Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Државната лотарија на Македонија. Целта на наградната игра е да биде засилување на успешната мерка „МојДДВ“.

–До 28 ноември има 184.728 корисници на апликацијата „МојДДВ“, скенирани се 39.584.924 фискални сметки а остварен е промет од 19 милијарди 378 милиони денари. Вкупно остварена наплата на ДДВ од 5 и 18 проценти од овој промет изнесува 2 милијарди 98 милиони 709 илјади денари. Вкупно оствареното право на поврат за време на цело време на траење на мерката изнесува 5 милиони 119 илјади евра, рече директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, укажувајќи на позитивниот ефект на мерката.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски верува дека по една година реализација на наградната игра, овие бројки ќе се дуплираат или триплираат.

–Победничкиот тим на ‘Меккен’ во наредните 12 месеци ќе биде ангажиран на реализација на креативната кампања за што обезбедивме 2.000.000 денари. Она што особено ме радува е што во проектот ќе бидат ангажирани млади луѓе. За сите тимови кои земаа учество во овој хакатон, но и за сите млади со идеи и храброст сакам да го најавам и новиот повик за стартап компании, што ќе го објавиме до крајот на годината. Вкупниот буџет за повикот ќе биде 1,5 милиони евра, а нашата цел е што е можно повеќе млади луѓе да ги искористат овие можности, да останат во С.Македонија и тука да започнат свој бизнис – посочи Деспотовски.

Наградната игра МојДДВ#МојаНаграда започнува на 15 декември и е насочена да ги мотивира луѓето да ги скенираат и оние сметки со помали суми на ДДВ, кои претходно не ги скенирале, сметките во кои нема ДДВ како и да ги натера да продолжат да скенираат сметки откако ќе го надминат месечниот праг за поврат на ДДВ. Во дизајнирањето на наградата се земени најдобрите практики од другите земји. Покрај сузбивањето на сивата економија, преку наградната игра ќе се врши и финансиска едукација на граѓаните и подигање на даночниот морал преку едукативни пораки.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2019 22:48