Околу 17.000 земјоделци до 31 декември годинава ќе добијат поврат на персоналниот данок за остварениот приход во 2018 година исклучиво од продажба на примарно производство.

Се работи за вкупно 80 милиони денари, чија исплата се очекува да почне идната недела поради што земјоделците треба да ги ажурираат трансакциските сметки.

-Завршивме со проверка на списоците што ни ги достави УЈП. Очекуваме исплатата да почне идната недела. Со повратот ќе бидат опфатени 17.000 земјоделци, соопшти денеска министерот за земјоделство, Трајан Димковски на средба со новинарите.

Услов за поврат на персоналниот данок, како што појасни Васе Неданоски од УЈП, е земјоделците, покрај остварениот приход од продажба на свои примарни производи, да немаат остварено други приходи, по некој друг основ, кои се исто така оданочени со персонален данок.

–Земјоделците нема да добијат поврат на средства ако се во работен однос, ако остваруваат приходи од закуп или од игри на среќа, ако се пензионери…, рече Неданоски.

Физичките лица, пак, кои ќе го надминат прагот од еден милион денари остварен приход, имаат обврска согласно закон да регистрираат дејност во надлежен регистар. Регистрирањето може да го направат со запишување во Регистарот во Министерството за земјоделство како индивидуални земјоделци или во Централниот регистар како трговци-поединци или како правни лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2019 14:58