На отворениот повик до млади иноватори за инклузија на деца и лица со попреченост што во октомври го објавија УНИЦЕФ и Фондацијата „Телеком“ за Македонија, се пријавија 50 тимови од 220 млади на возраст од 14 до 24 години, од кои се избрани 10 тимови – финалисти кои ќе работат на предизвикот „Како може дигиталната технологија да придонесе за поактивно вклучување на децата и младите со попреченост во образованието и во секојдневниот живот“.
Тимовите почнаа да работат на пред-работилници каде што се запознаа со основите на асистивната технологија и дигитална инклузија и работеа на формулирање на своите идеи, кои ќе се развиваат во наредните две недели.
– На работилниците коишто ќе се случуваат од 13 до 15 декември 2019 година, ќе бидат избрани најдобрите пет идеи кои ќе бидат наградени со финансиски средства и со менторска поддршка. Во јуни 2020 година, двете најдобри решенија од финалето во земјата ќе влезат во светскиот избор на глобалниот младински предизвик „Generation Unlimited 2019/20“ што се одвива во над 40 земји низ светот, соопштија од УНИЦЕФ и Фондацијата „Телеком“.
Фондацијата „Телеком“ за Македонија и УНИЦЕФ објавија партнерство во јуни годинава, мотивирани од потребата за намалување на дигиталниот јаз и користење на технологијата за еднаква вклученост на децата и лицата со попреченост во дигиталното општество.
Младинскиот предизвик на УНИЦЕФ и на Фондацијата „Телеком“ за Македонија се реализира во соработка со СмартАп и Македонскиот извиднички сојуз.