Поранешната Мис на Украина Вероника Дидушенко, која беше исклучена од натпреварувањето за „Мис на светот“ бидејќи е мајка и е разведена, денеска соопшти дека поднела тужба во Лондон против таа организација поради дискриминација.

– Барам промена на правилата, рече 24-годишната Дидушенко, откако на социјалните мрежи почна кампања #righttobemother (право на мајчинство).

– Причина што не ми беше дозволено да учествувам во изборот за „Мис на свет“ по победата за „Мис Украина“ во 2018 година е тоа што сум била мажена и имам дете, изјави Дидушенко, мајка на петгодишно момче.

Таа вели дека според британскиот закон, политиката за учество во натпреварувањето за „Мис на светот“ е дискриминаторска по повеќе основи, вклучувајќи брачен статус, бременост и мајчинство.

Според правилата за натпреварување, учесничките не смеат да бидат мажени и не смеат да имаат деца.

Дидушенко од истите причини веќе беше дисквалификувана од натпреварувањето за „Мис Украина“.

– Не сакам да ми дадат круна, туку сакам „Мис на светот“ и другите меѓународни натпреварувања за убавина, кои изгледа заглавиле во Средниот век, да ги укинат сите ограничувања за да станат вистински репрезентативни за сите жени, истакна Украинката.

Организаторите на „Мис на светот“, што ќе се одржи на 14 декември во Лондон, се уште не одговорија на нејзините обвинувања.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2019 20:16