Капиталниот ремонт на Блок 2 на РЕК Битола заврши. Постројката, информираат од компанијата, е синхронизирана со електроенергетскиот систем на РСМ и испорачува електрична енергија согласно потребите на потрошувачите.

– Ремонтните активности на Блок 2 на РЕК Битола започнаа на 7 септември и за време на зафатот беше направен капитален ремонт на турбината, првпат после осум години. Паралелно се одвиваше и првата фаза од реконструкцијата на разладната кула на постројката. Со тоа, зголемена е доверливоста и ефикасноста на Блокот, наведуваат од компанијата.

По вклучувањето на Блок 2, најавуваат, дека од работа ќе биде исклучен Блок 1 на РЕК Битола и производството од комбинатот ќе продолжи со Блок 2 и Блок 3, согласно планот за производство на АД ЕСМ и потребите на системот.

Оттаму оценуваат дека во моментов, електроенергетскиот систем на земјата има доволно количество струја што ја обезбедуваат капацитетите на компанијата. Блок 1 на РЕК Битола ќе остане во состојба на “ладна резерва”, подготвен да биде вклучен во производствен процес во секој момент кога ќе има потреба електроенергетскиот систем на државата.

Во периодот од 1 јануари 2019 година до 2 декември 2019 година, РЕК Битола од планираните 3.025 гигават часови произведе 3.252 гигават часови електрична енергиија, односно 108 проценти од планираното.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2019 13:09